МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
22 ноември 2024
Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши го честита Денот на албанската азбука на кој, како што вели, „се потсетуваме на историски момент кој го означува крајот на Битолскиот конгрес и го отелотворува идентитетот на албанскиот народ“.
Скопје - Министерството за финансии имаше состаноци со секоја банка поединечно и денеска тие ќе имаат завршен состанок да ги додефинираат работите, за парите од унгарскиот заем, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, појаснувајќи дека се чека конечен одговор од банките за каматата што ќе биде понизок од 3,25 проценти, додека рокот останува и оти голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.
Скопје - Висината на јавниот долг, согласно последните пресметки велат дека на крајот на 2024 година ќе биде 62,7 проценти од БДП, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Јавниот долг, нагласи Димитриеска Кочоска во многу голема мера зависи од тоа колку останатите институции, акционерски друштва и т.н. ќе повлечат од веќе договорени кредити.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел двете министерства да постигнат поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупција и обезбедување на брзи, координирани и ефективни одговори, информираат од МВР.
На настанот од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и директорот на Царинската управа Бобан Николовски бил потпишан и Протоколот за спроведување на меморандумот меѓу двете министерства што, како што се вели во соопштението, ја уредува и конкретизира соработката меѓу нив со цел ефикасна борба против сите видови криминал.
Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Хелсинки, во рамки на работната посета, имаше средба и со министерката за надворешни работи на Република Финска, Елина Валтонен, што претставуваше можност за продлабочување на дијалогот за европската иднина на земјата и регионот и за зацврстување на улогата на Финска како близок партнер во овој процес, информираат од Министерството.
Скопје – Изнаоѓање модалитети како дополнително да се зајакне соработката и борбата против корупцијата на трите клучни институции и нивното целосно усогласување на постапките и меѓусебната поддршка во таа борба е главна цел на денешната тркалезна маса „Соработка со институциите при борбата против корупцијата“ со претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Јавното обвинителство (ЈО), организирана од Амбасадата на САД, преку Програмата ОПДАТ на Министерството за правда на САД и УСАИД.
Скопје - Пратеничката група на Левица денеска во Собранието поднесе интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поради блокадата на законот за бранителите.
Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието рече дека откако беше изгласана потребата за носење на овој закон Даути не ја ставила точката на дневен ред на Комисијата во рок од 24 часа, а тоа не го сторила и откако се собрале потписи од пратениците за тоа да се направи, како и дека на секоја седница на Комисијата таа одбива да го стави законот за бранители на дневен ред.
Скопје – Либерално-демократската партија денеска повторно во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи откако и минатата година го предложи заедно со Левица, но за него не се дискутираше.
Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова на прес-конференција рече дека доколку се усвојат измените, „неоснованите трошоци ќе бидат регулирани со законско решение наместо со интерна банкарска политика“.
Скопје - Претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова изјави дека партијата дејствува независно и оти тоа може да се заклучи од поднесените закони на ЛДП, од стренограмите, излагањата и гласањата во Собранието.
На новинарско прашање зошто нема писмено известување за независното дејствување на ЛДП, која на изборите во мај настапи во коалиција предводена од СДСМ, Зајкова одговори дека „не гледа дека нешто би се сменило“ зашто „јасно и видливо“ е дека „ЛДП дејствува независно бранејќи ја својата либерално-демократска политика“.
Скопје - Пред канцелариите на Град Скопје попладнево се одржува протест поради состојбата со јавниот превоз и недостиг на автобуси во главниот град.
Во Скопје два дена не сообраќаа автобуси поради тоа што ЈСП Скопје немаше нафта. Возеа само триесетина автобуси од кои 25 возат на гас. Состојбата неше надмината откако Владата донесе одлука на ЈСП да му се даде нафта за седум дена од државните резерви.
Пред Град Скопје своето незадоволство го искажуваат жители на Шуто Оризари, организирани од градоначалникот Курто Дудуш, Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ.
Скопје - Министерството за култура и туризам денеска го објави Конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2025 година“.
Како што информира ресорното министерство, на Конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во земјава, со исклучок на Град Скопје и општините во Град Скопје.
Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk, почнувајќи од денеска во 14:00 часот, заклучно со 22 декември 2024 година во 14:00 часот.
Загреб - Поранешниот хрватски министер за здравство Вили Берош, кој е во истражен затвор поради аферата „Микроскопи“, побара од претседателот на хрватскиот Сабор активација на својот пратенички мандат, но истовремено и негово замрзнување од лични причини. Ова го потврди претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања (МИП), Роберт Јанковиќ.
Лондон - Британската полиција изврши контролирана експлозија откако „сомнителен пакет“ беше пронајден пред амбасадата на САД во Лондон.
Метрополитен полицијата постави безбедносни кордони околу локацијата во Најн Елмс, јужно од реката Темза, јавуваат британските медиуми.
„Можеме да потврдиме дека 'гласната експлозија' што беше пријавена во областа е контролирана експлозија изведена од страна на полицијата,“ стои во објавата на лондонската полиција на платформата Икс, со дополнување дека истрагата продолжува, а кордоните ќе останат присутни уште некое време.
Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск денеска на конгресот на полските учители предупреди дека војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, чиј исход никој не го знае, но се гледа дека добива драматични размери и заканата од глобално конфликтот станува реална.
„По образование сум професор по историја. Војната на истокот влегува во одлучувачка фаза. Непознатото се приближува, никој од нас не го знае исходот од тој конфликт. Очигледно зазема многу драматични размери. Настаните од последните десетина часа покажуваат дека заканата од глобален конфликт е навистина сериозна и реална“, рече Туск.
Букурешт - Романија ќе стане во целост членка на Шенген зоната од 1 јануари 2025 година, изјави романскиот премиер Марчел Чолаку за време на работна посета во Будимпешта, каде имаше средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Чолаку нагласи дека Романија и Унгарија заеднички работат на европските прашања, а посебно ја истакна поддршката од Орбан за членството на Романија во Шенген. Тој додаде дека влезот на Романија и со копнените граници ќе го поттикне економскиот развој на двете земји.
Будимпешта - Западните земји треба најсериозно да ја сфатат изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој зборуваше за украинскиот конфликт и употребата на новата руска балистичка ракета „Орешкин“, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече и дека јавната комуникација во различни земји се одвива поинаку, но дека „ако претседателот нешто каже во Русија, тоа не се празни зборови“, објави порталот Portfolio.hu. Тој потсети дека Украина е сосед на Унгарија и дека „не е потребна голема фантазија за да се замисли колку брзи и неочекувани можат да бидат последиците од војна во соседна земја“.
„Опасноста е неизбежна. Овие вести говорат за непосредна воена опасност за Унгарија“, рече Орбан.
Берлин - Обилни снежни врнежи паднаа во делови од западна Европа, предизвикувајќи значителни проблеми во сообраќајот, а Ајфеловата кула во Париз е привремено затворена.
Во сојузната покраина Баден-Виртемберг во Германија, службите реагираа на повеќе од 380 инциденти поврзани со временските услови во последните 18 часа. Портпаролот на полицијата соопшти дека се повредени најмалку 30 лица, главно полесно, а штетата изнесува повеќе од еден милион евра.
Најпогодени градови биле Фрајбург и Констанц, каде полицијата учествувала во нешто помалку од 300 операции поврзани со временските услови во периодот од вчера попладне до изутринава, соопшти полицијата.
Техеран – Лидерот на Иранската револуционерна гарда, генерал Хосеин Салами изјави дека налозите за апсење издадени од Меѓународниот кривичен суд (МКС) против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант значат „политичка смрт“ за Израел.
- Ова значи политичка смрт на ционистичкиот режим, режим кој денес живее во апсолутна политичка изолација во светот и чии функционери повеќе не можат да патуваат во други земји, наведе генералот Салами.
Њујорк - Годинава загинаа повеќе хуманитарни работници отколку во која било година од почетокот на пребројувањето, соопшти хуманитарната канцеларија на ОН, а повеќето од нив загинале во конфликтот во Газа.
Според базата на податоци на „Aid Worker Security“, која ги евидентира случаите од 1997 година, оваа година се регистрирани 281 загинат хуманитарен работник, во споредба со 280 регистрирани во 2023 година.
Лос Анџелес - Фиби-Реј Тејлор е американска глумица со церебрална парализа која во првиот свој филм воопшто, глуми со својата хероина од вистинскиот живот - Џенифер Анистон.
Филмот „Вон памет“ (Out of My Mind) се прикажува од денеска, 22 ноември, на „Дизни плус“ платформата, и во него актерката која користи ортопедска количка, првпат се појавува во улогата на Мелоди, шестоодделенка со телесна, но и говорна попреченост - таа не зборува. Така, Тејлор „не можела да престане да плаче“ кога дознала дека „внатрешните мисли“ на Мелоди ќе бидат вокализирани од Анистон.