• среда, 13 ноември 2024

Мицкоски до Ахмети: Помири се, опозиција си, ќе ви помогнеме да ја исчистите ДУИ од криминалните структури

Мицкоски до Ахмети: Помири се, опозиција си, ќе ви помогнеме да ја исчистите ДУИ од криминалните структури

Охрид, 6 октомври 2024 (МИА) - Помири се, опозиција си, реформирај ја партијата и исчисти ги криминалците од своите редови, му порача денеска од Охрид премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Како што истакна Мицкоски, Ахмети треба да покаже визионерство преку проекти и идеи, како и да покаже дека ја почитува Македонија.

Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ апелира и до останатите опозициски партии, да излезат од сегашната матрица, да ги надминатат суетите и потребата се да се критикува по секоја цена и наместо тоа, да излезат со нивни предлози за креирање уште подобри решенија.

-Реформирај ја партијата. Реформирано ДУИ е важно за татковината. Исчисти ги криминалците од твоите редови, ќе ти помогнеме и ние во тоа. Ова е наша заедничка татковина. Дали гледаш колку Албанци дневно се иселуваат? Куќите во твојот Зајас зеат празни, за 20 години повеќе од 100 000 Албанци се иселија од државата. Чија одговорност е тоа? Немам време за јавни надмудрувања, да си дофрлуваме и да подгреваме тензии. Знам дека ти одговара да влегуваш во конфликти со мене и со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е дневна, теснопартиска политика. Надмини го тоа, придонесете со предлози и проекти. Јас ви ветувам, ќе прифатиме се што ќе значи прогрес и развој на земјата. Не е добро секогаш кога сте опозиција да почнувате етнички теми, а кога сте на власт да станувате зелена партија, истакна Мицкоски.

Додаде и дека Албанците во земјава живеат лошо.

-Неспороно е дека дел од Албанците го почитуваат Ахмети, но зошто да не ја заслужи почитта и од Македонците? Покажа визионерство за некои работи, но треба да покаже визионерство и преку проекти, идеи и визии. Треба да покажеш дека ја почитуваш Македонија. Помири се, опозиција си, а дел од твоите најблиски соработници треба да се свесни за тоа што го правеа, а за тоа што го правеа има институт што се вика одговорност. Ти ветив и ти ветувам, ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури, потенцира Мицкоски.

Тој упати порака и до останатата опозиција.

-До кога ќе бидете заложници на истиот ментален склоп. Ајде заедно да ги надминеме поделбите и наместо дополнително да го делиме народот, да се обединиме преку дебата за идеи и проекти. Не може се што ќе направиме да не чини. Надминиете го тоа, суетата и потребата се да се критикува по секоја цена. Еве, за почеток, поддржете ги мерките за младите, понатаму предложете и вие ваши мерки. Ако постои можност, ви ветувам дека ќе ги прифатиме, истакна Мицкоски.

Конференцијата е насловена „Иднина за сите, сега!“, а се одржува во СЦ „Билјанини извори“. мч/аб/

фото: принт скрин

 

Остани поврзан