• понеделник, 07 октомври 2024
МИА Флеш

  10 септември 2024

 

Скопје - Северна Македонија има нов почеток. Во Владата има партнери кои не носат хипотеки од минатото, туку се подготвени да се соочат со корупцијата, да се заложат за економски развој и подобрување на животниот стандард.

Ова го изјавил првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е во официјална посета на САД и каде на покана на Атлантскиот совет учествува на деветтата годишна конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ги прими копиите на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Црна Гора Зоран Миљаниќ.

Како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски му посака успешна дипломатска мисија на новиот црногорски амбасадор и изрази задоволство од нивото на досегашните билатерални односи, како и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со амбасадорот на Австријал Мартин Памер, заменик шефот на Мисијата, Матијас Хуменберге, новопоставеното и досегашното одбранбено аташе на Австрија, полковник Кристијан Тесар и полковник Кристијан Смутек, информираа денеска од Министерството за одбрана.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска и в.д градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митовски денеска поделија таблети на учениците од четврто одделение во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“. Општината трета година од сопствени средства обезбедува бесплатни таблети на четвртоодделениците. Годинава се поделени 860, а набавката чинела 6 милиони и 400 илјади денари. 

Скопје - Уставниот суд ја промовира новата веб-страница на којашто се поставени сите информативни содржини поврзани со работењето на Судот и тековните активности. Во насока на зголемување на транспарентноста преку новиот веб сајт граѓаните имаат увид во сите одлуки и решенија на Судот од 1991 година до денес преку алатката за пребарување која со клучен збор е едноставна и лесна за користење. 

Од Уставниот суд посочуваат дека особено значајна новина е категоријата на финансиската транспарентност, преку која се овозможува преглед на Буџетот на Судот, завршните сметки, јавните набавки, сите склучени договори. Исто така овој нов веб сајт им овозможува на граѓаните да се обратат директно до претседателот на Уставниот суд, да ги преземат обрасците за поднесување на иницијативи или барања за заштита на слободи и права. 

Скопје - Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром веќе работат 12 образовни асистенти за 15 деца со посебни потреби, а раководството очекува за некој ден да се докомплетира тимот.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, договори со образовни асистенти се потпишуваат и денеска, што значи, како што изјави, во следните денови асистентите постепено навлегуваат во училиштата.

Скопје - Изградбата на новото модуларно училиште во село Бањица ќе почне веднаш штом ќе биде потпишан договорот со изведувачот што ќе биде избран на повикот од кој веќе се разгледуваат понудите, а се очекува да биде готово најдоцна за два месеца, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Скопје - Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска, во однос на цените и Законот за нефер трговски практики, најави дека наскоро ќе има конкретен план како ќе се постапува, а примарна цел е, напомена, да се заштитат и земјоделците и граѓаните.

Трипуновски на прес-конференција информира дека е во постојана комуникација со Министерството за економија.

Куманово - Општина Старо Нагоричане одвои по три илјади денари за првоодделенците кои тргнаа на училиште во оваа учебна година, соопштија денеска надлежните од општината.

- До крајот на неделава очекуваме целосно да заврши исплатата на паричните средства. Како доаѓаат родителите со потребната документација, така се исплаќа и помошта. И лани и годинава ги поддржуваме учениците, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Струга - Општина Струга е дел едукативната кампањата „Мојот данок, за мојата општина!“ во партнерство со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.

Целта на кампањата, како што соопшти Општина Струга, е да ја информира јавноста дека плаќањето данок на имот е должност на секој граѓанин-даночен обврзник, но во исто време и придонес на поединецот за градење на подобра иднината на општината.

Гостивар – По случајот кој го привлече вниманието на жителите во гостиварско дека се приведени неколку лица кои изведувале градежни работи во близина на црковен објект, од Јавното обвинителство информираат дека не издале наредба за приведување или задржување лица. Од обвинителство посочуваат дека станува збор за невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи и биле преземени од повеќе медиуми. Од МВР најавија соопштение за појаснување на настанот и нивното делување.

Во соопштението од Основното јавно обвинителство Гостивар се наведува дека биле известено од надлежните дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат.

Струмица - Лицето Д.С. (45) жител од село Долно Лакочереј синоќа околу 2 часот по полноќ влегол во продажен објект во село Ново Село со намера да изврши разбојништво при што со пиштол пукал во сопружниците Б.М (48) и М.М. (46), соопштија денеска од СВР Струмица.

Според информацијата од полицијата, разбојникот бил, фатен на местото на настанот и бил задржан во Полициската станица во Струмица.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.

Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 2 до 6 септември годинава, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. 

Скопје - Во концертната сезона 2024/2025 во која Македонската филхармонија ќе го прослави 80-тиот роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти, соопштија од НУ Филхармонија на РСМ.

Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека денешната средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и другите регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, е вовед во следната рунда разговори, односно дијалогот во Брисел, но дека останува да се види дали тоа ќе резултира со нешто или не, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој гостувајќи на ТВ Прва рече дека останувањето во дијалогот не е прашање на смисла, туку на одговорност.

Брисел - Заканата на Унгарија дека „ќе испрати автобуси со илегални имигранти во Брисел“ претставува поткопување на солидарноста и соработката во Европската Унија, оцени белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур. 

- Како земји членки на Европската унија, треба да работиме заедно на правична, хумана и ефикасна миграциска политика. Со едностраното префрлање на одговорноста преку закани од ваков тип само се поткопува солидарноста и соработката во Унијата, изјави Де Мур.

Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го одложи за следната недела објавувањето на распределбата на ресорите меѓу кандидатите за 26-те комесари во новата Европска комисија, пренесува Политико, повикувајќи се на тројца неименувани функционери запознаени со одлуката.

Како што се наведува, Фон дер Лајен утре претпладне требаше да се сретне со лидерите на различни политички групи во Европскиот парламент, по што се очекуваше да го соопшти составот на следната Комисија, но таа средба сега е одложена за следната недела кога Европскиот парламент се состанува во Стразбур.

Париз - Новоименуваниот француски премиер Мишел Барние денеска ќе започне разговори со пратеничките групи на центарот и десницата, кои досега не му дадоа целосна поддршка, а прво ќе разговара со пратениците кои го поддржуваат францускиот претседател Емануел Макрон.

Барние вечерва во 19 часот треба да започне разговори со пратениците од коалицијата Заедно за Републиката и со нивните колеги сенатори, пренесува „Фигаро“. Ова ќе биде првиот тест за Барние, кој треба да обезбеди доволно поддршка во Парламентот пред битката за буџетот, оценува парискиот весник.

Брисел - Европскиот суд на правдата денеска одлучи дека американскиот технолошки гигант „Епл“ ќе мора да плати 13 милијарди евра на име неплатени даноци. 

Пресудата е донесена во врска со жалбата на „Епл“ и Ирска на одлуката на Европската комисија од 2016 година со која се бара од американската компанија, чие седиште за ЕУ е во ирскиот град Корк, „да врати 13 милијарди евра“, сума што „ја заштедила“ благодарение на даночните олеснувања предвидена со ирското законодавство. 

Москва - Русија денеска соопшти за нови придобивки во источна Украина, велејќи дека нејзиниот упад на руска територија не успеал да ја одврати Москва да започне офанзива во регионот на Донбас.

Секретарот на Советот за безбедност, Сергеј Шојгу рече дека украинскиот упад во руската област Курск, кој започна на 6 август, имаше за цел да ја подобри преговарачката позиција на Киев и да ги одврати руските сили во Донбас.

Стразбур - Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О'Флаерти, денеска ги повика грузиските парламентарци да не усвојуваат закони против ЛГБТ+.

Грузискиот парламент во второ читање го поддржа нацрт-законот „за заштита на семејните вредности и на малолетниците“, што има за цел да ја забрани „ЛГБТ пропагандата“ во образованието и на телевизија.

За предлог законот да биде усвоен потребно е трето, завршно читање на текстот.

Тел Авив - Израелската армија (ИДФ) денеска соопшти дека цел на нападот на областа Ал Маваси во Кан Јунис биле тројца високи функционери на Хамас кои биле таму.

„Цели на ноќниот воздушен напад врз хуманитарната зона одредена од Израел во јужна Газа беа тројца високи оперативци на Хамас“, соопшти ИДФ, пренесува Тајмс оф Израел.

Според армијата, станува збор за шефот на воздухопловните сили на Хамас, Самер Исмаил Кадер Абу Дака, шефот на надзорот во разузнавачкиот оддел на Хамас, Осама Табаш и уште еден висок офицер на групата, Ајман Мабхух.

Москва –Во првите шест месеци од оваа година Русија забележа најниска стапка на наталитет уште од 1999 година, покажуваат официјалните податоци на рускиот Завод за статистика Росстат, што беа објавени вчера.

Во јуни бројот на новородени за првпат беше помал од 100.000.

Комбинацијата на падот на наталитетот и зголемената стапка на смртност доведе до намалување на руското население, проблем за Кремљ, кој води војна во Украина откако Москва ја започна својата инвазија во 2022 година.

Ријад - Италијанецот Стефано Пиоли ќе стане нов тренер на саудиски Ал-Наср, пренесе „Оказ спорт“.

Според изворот, Луис Кастро, кој моментално го води тимот, наскоро ќе го напушти клубот.

Ал-Наср оваа сезона во лигата на Саудиска Арабија ја започна со победа и реми, со што „шеиците“ се моментално на 5. место во поредокот.

Исто така Роналдо и компанија беа прегазени од Ал-Хилал со 1:4 во мечот за Суперкупот.

Валенсија - Еден голем настан заврши, а уште еден веќе започнува. Веднаш по УС Опен продолжува групната фаза на Дејвис купот, а најголема ѕвезда ќе биде Карлос Алкараз. 

Во Валенсија, Шпанците се борат за пласман на завршниот турнир, а многу се очекува од овогодинешниот шампион на Ролан Гарос и Вимблдон, особено што домаќинот беше елиминиран пред една година на истото место без него.

Алкараз доаѓа разочаран од дебаклот на УС Опен, но Давид Ферер, тренерот на Армадата, верува дека брзо ќе го надмине.

Монтреал - Светската антидопинг агенција (ВАДА) одлучи да не ја обжали одлуката на Меѓународната агенција за интегритет во тенис (ИТИА) до Судот за спортска арбитража (КАС) во Лозана, откако агенцијата пресуди дека Италијанецот Јаник Синер не направил ништо за намерно да се допингува, пренесе „Кориере дела Сера“.

ИТИА на 20 август соопшти дека Синер двапати бил позитивен на забранетата супстанција клостебол во март оваа година за време на Мастерсот во Индијан Велс.

Тагови

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан