• сабота, 23 ноември 2024

Меџити: Набавени се сензори за 650 пациенти наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1

Меџити: Набавени се сензори за 650 пациенти наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) -Министерот за здравство Фатмир Меџити, денеска ја посети Универзиотетската клиника за детски болести по повод доделувањето бесплатни сензори за мерење гликемија во крвта кај најмладите пациенти. Набавени се сензори за 650 пациенти, наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1, слепи лица, а останатите сензори ќе бидат доделени на Универзитетската клиника за ендокринологија.

- Драго ми е што конечно се набавени сензори за безболно мерење гликемија. Наместо вообичаени боцкања, процедура која е болна, создава и трауми кај децата, сега гликемијата ќе им се мери со помош на сензорите, следејќи ја најновата технологија. Со ова значајно го зголемуваме квалитетот на животот на децата. Како и во другите земји во светот. Наша обврска како Министерство за здравство е да обезбедиме што подобра грижа за малите пациенти кои треба да пораснат во здрави личности, истакна Меџити во рамки на посетата.

Како министер за здравство, нагласи Меџити, и во следниот период ќе се залага најсовремените начини за третман на дијабетес да бидат достапни за нашите пациенти, бидејќи кога станува збор за пациент со дијабет, треба да имаме предвид, вели министерот, дека станува збор за начин на живот

Употребата на сензорите има повеќекратни придобивки. Пред се, овозможува постигнување и одржување на гликемијата во секое време, превенирање на компликации од дијабетесот, оптимизирање на способноста за учење кај младите луѓе со дијабетес, а исто така се овозможува родителите да ја мерат ноќната гликемија на децата без да мора да ги разбудат. Воедно, системите алармираат и превенираат акутни сосотојби кај дијабетесот како хипогликемија и хипергликемија. Сензорите се едноставни за употреба, се поставуваат на надлактицата и гликемијата се мери со електронски уред или со мобилен телефон.

Во одговор на новинарско прашање министерот Меџити се извини и ја презеде вината за доцнењето на тендерите за набавка на гликомерите и на лентите и нагласи дека работите ќе ги решава транспарентно, брзо и ефикасно заедно, вели, со медиумите и јавноста.  

-Се извинувам како министер без разлика на тоа дали некој доцнел со тендерирање на гликомерите и на лентите. Јас како сегашен министер ја преземам вината и вака ќе постапувам отсега понатаму. Тендерот за тие ленти и гликомери, задоцнил, но не знам зошто задоцнил, но јас ви кажав уште првиот ден дека ќе имаме конкретни решенија и веќе проблемите ќе ги решаваме систематски, а не по волја на некој министер. Веќе во оваа држава во Министерството за здравство конкретно работите ќе функционираат вака транспарентно,  брзо и ефективно. Овие сензори беа само соништа, денеска се реалност и нас многу ни е битна како Министерство за здравство, иднината на оваа држава, а тоа се најмилите, децата, рече Меџити.  

Претседателот на Национланата комисија за дијабетес д-р. Ирфан Ахмети на новинарско прашање изјави дека потреба од сензори за мерење гликемија во крвта имаат околу 650 пациенти.

-Ние направивме анализа заедно со професорката Шикалова која што е член на Националната комисија за дијабетес и искусен ендокринолог педијатар што се занимава со Тип 1 дијабет и инсулински пумпи. Така што оваа бројка од 650 ги вклучува децата до 18 години кои исто така се околу 500 и уште 100 беа предвидени за лица со Тип 1 дијабетес со компликација. Кажавме дека потребите се поголеми. Целта е да имаме добра гликорегулација за сите лица со Тип 1 дијабет што значи тоа се околу 5.000. Но, од друга страна треба да знаеме дека и цената на овие сензори е висока, така што се надевам дека заедно со министерот ќе направиме стратегија како постапно да ги поставиме индикациите за зголемување на сензорите за потребите за најосетливата популација, вели д-р. Ахмети.  

Тој додаде дека заедно со министерот покренале иницијатива со Фондот, како во регионот да се воведат референтните цени за гликомерите, да се скрати постапката и да нема вакви проблеми во иднина.  

Во врска со гликомерите, министерот за здравство изјави дека тие се пристигнати пред две недели и дека имало примедба од пациентите, и од Здружението на болни од дијабетес дека не биле како што треба комплетирани во кутија со упатство. Но сега се, вели, спакувани во модерни кутии со неопходните упатства.

-Ние ја замоливме компанијата тоа да биде навистина како што треба, да личи иако тендерот поминал така, без кутија. Така било препорачано од Второстепена комисија што јас многу не ја претпочитувам при јавни набавки и упатувам до нив да бидат повнимателни посебно со здравството, затоа што е многу сензитивно и да не ги поништуваат тендерите без потреба, да доцнат вака. Ние не сакаме и нема да дозволам како министер отсега понатаму каква било постапка од моја страна да доцнат, а тие што ги опструираат и ќе направат некои злоупотреби јас ќе излезам со име и со презиме многу отворено и транспарентно како и досега, ќе кажам со име и презиме. А ние продолжуваме понатаму. За брзо време ќе набавиме сензори и за сите засегнати пациенти со оваа болест, вели Меџити. вг/сан/ 

 

 

Остани поврзан