Кочиу: Дел од конфискуваните средства стекнати од криминални активности се враќаат во служба на заедницата
- Кочиу, во видеопорака објавена на социјалните мрежи, истакна дека „парите и имотот, добиени од дрога, измама или други форми на криминал, повеќе не се симболи на моќ или привилегии, туку ќе бидат вратени таму каде што им е местото, на децата, семејствата, заедниците во неволја и жртвите на насилство“
Тирана, 9 февруари 2026 (МИА) – Албанската министерка за внатрешни работи Албана Кочиу изјави дека дел од средствата стекнати од криминални активности ќе бидат вратени во служба на заедницата.
Кочиу, во видеопорака објавена на социјалните мрежи, истакна дека „парите и имотот, добиени од дрога, измама или други форми на криминал, повеќе не се симболи на моќ или привилегии, туку ќе бидат вратени таму каде што им е местото, на децата, семејствата, заедниците во неволја и жртвите на насилство“.
Како конкретен доказ за оваа посветеност, нагласи таа, Агенцијата за управување со запленет и конфискуван имот при Министерството за внатрешни работи, отворила повик за финансирање на проекти, можност посветена на непрофитни организации кои имаат за цел да го трансформираат конфискуваниот криминален имот во проекти со вистинско општествено влијание.
Кочиу објави дека вкупниот расположлив фонд е околу 15 милиони лека (150.000 евра), кои „не се од буџетот на граѓаните, туку од конфискуван криминален имот, кој се враќа во корист на заедницата“.
- Целта на финансиската поддршка е спречување на криминалот и социјална, културна и здравствена рехабилитација на ранливите групи, особено лицата и групите погодени или изложени на ризик од организиран криминал, трговија со луѓе и други форми на криминал, нагласи Кочиу.
Таа ги повика организациите на граѓанското општество да аплицираат и да станат дел од заедничкиот напор, каде што „криминалните средства се трансформираат во надеж, поддршка и развој за заедницата“.
Агенцијата за управување со запленет и конфискуван имот дел од овој имот изнајмува, врз основа на што, приходите минатата година надминале 2,2 милиони евра, што е повисок износ за 39 отсто споредено со 2024 година. вт/ми/