• четврток, 12 февруари 2026

Калас повикува на заеднички долг на ЕУ за одбрана

Калас повикува на заеднички долг на ЕУ за одбрана

Берлин, 12 февруари 2026 (МИА) – Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, изрази поддршка за заедничко европско задолжување за финансирање на поголеми трошоци за одбрана, само неколку дена пред Минхенската безбедносна конференција.

Заедничкото задолжување би ги направило заемите поевтини за сите земји-членки на Европската Унија, изјави Калас во интервју за „Table Media“ објавено вчера.

Блокот веќе презеде заеднички долг за време на пандемијата на Ковид-19, а како и тогаш, Европа повторно се соочува со закана што го погодува целиот континент, рече Калас, која е меѓу најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин.

Зигмар Габриел, поранешен германски министер за надворешни работи, исто така рече дека новото заедничко задолжување на ЕУ за одбранбени проекти е неизбежно, пренесе ДПА.

Германија долго време тврдеше дека трошоците за одбрана треба да се финансираат преку националните буџети, но дури и во Германија таквите трошоци во голема мера можат да се финансираат само преку долг, рече тој.

Габриел беше министер за надворешни работи од 2017 до 2018 година и вицеканцелар од 2013 до 2018 година под тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Во извештајот нарачан од Европската комисија, поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, со право препорача финансирање на европската одбрана делумно преку заедничко задолжување, рече Габриел.

Иако ова би било скапо и би носело ризици, „руските трупи на границата на Полска се поголем ризик – и поскап“, додаде тој.

На 62-то издание на Минхенската безбедносна конференција, која почнува утре, се очекува да учествуваат повеќе од 60 светски лидери и околу 100 министри за надворешни работи и одбрана. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан