• четврток, 12 февруари 2026

Министри на НАТО ќе расправаат за европската одбрана и поддршката за Украина

Министри на НАТО ќе расправаат за европската одбрана и поддршката за Украина

Брисел, 12 февруари 2026 (МИА) – Министрите за одбрана на НАТО денеска ќе одржат состанок во Брисел за да разговараат за одбраната на Европа и поддршката за Украина, во услови кога европските сојузници се соочуваат со притисок да преземат поголема одговорност додека приоритетите на САД се префрлаат кон други региони.

Состанокот доаѓа откако НАТО објави дека го зголемува своето присуство на Арктикот и околната област по спорот околу Гренланд кој доведе до раздор меѓу САД и европските сојузници, пренесе ДПА.

Американскиот претседател Доналд Трамп на моменти се закануваше дека ќе го анектира островот под администрација на Данска, оправдувајќи го тоа со тврдењето дека Русија или Кина во спротивно би можеле да го заземат.

Се очекува американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет на денешниот состанок да го претставува подсекретарот Елбриџ Колби. Ова го прави Хегсет втор функционер од кабинетот на САД кој пропушта состанок на НАТО на високо ниво во последните месеци, откако државниот секретар Марко Рубио не дојде на состанокот на министрите за надворешни работи во декември.

Хегсет ги шокираше сојузниците на НАТО на минатогодишниот состанок на министрите за одбрана со остри забелешки за ниските трошоци за одбрана на Европа и воената зависност од САД, како и со исклучување на идното членство на Украина во НАТО.

Во однос на поддршката за Украина, на министрите на НАТО за првпат ќе им се приклучи украинскиот министер за одбрана Михаило Федоров откако тој ја презеде функцијата во јануари.

На крајот од официјалниот состанок на НАТО, Германија и Британија треба да претседаваат со состанок на најблиските сојузници на Украина со цел да се обезбедат ветувања за нова воена поддршка. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан