• четврток, 12 февруари 2026

За првпат во Општата болница во Дебар е отворена aмбуланта за ендокринологија

За првпат во Општата болница во Дебар е отворена aмбуланта за ендокринологија

Дебар, 10 февруари 2026 (МИА) – Општата болница со проширена дејност во Дебар продолжува со активности кои се насочени кон создавање подобри услови и поквалитетни услуги за граѓаните.

-По модернизацијата на радиодијагностиката, со што, во еден објект, се сместени апаратите за рендген, ехо и мамографија, за првпат во нашата установа е отворена aмбуланта за ендокринологија, која им нуди на граѓаните специјализирани услуги за дијагностицирање и лекување на хормонални заболувања, дијабетес, тироидна жлезда и други ендокринолошки нарушувања, изјави за МИА, Мерсим Колеци, директор на болницата.

Оценува дека оваа амбуланта претставува важен чекор во подобрувањето на здравствените услуги за жителите во регионот и намалувањето на потребата од упатувања надвор од градот а тоа и како резултат на обезбедувањето на потребниот кадар од самата болница. 

Паралелно со тоа раководството на болницата се ангажира и за обезбедување потребен кадар од други здравствени установи, за специјалисти, откако досегашните доктори заминале во пензија. 

-По завршувањето на административните процедури, продолжија специјалистичките прегледи во три различни области кои се дефицитарни во нашата болница. Тоа се психијатрија, ОРЛ и ортопедија. Ангажирани се Едип Шеји, специјалист психијатар од Опшатата болница во Струга, Асен Шајн, специјалист по ОРЛ од Општата болница во Охрид и Генц Полиси, специјалист ортопед од специјализираната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо Охрид,  посочи Колеци.

Со ова, според него, им се овозможува на пациентите да добиваат медицински услуги, од овие области во дебарската болница, и тоа секоја среда. вт/дма/

Фото: Општа болница 

Остани поврзан