• вторник, 12 ноември 2024

Заменик-генералниот секретар на Собранието Никола Ѓошевски се обрати на TAIEX работилница за подобрување на интегритетот на Парламентот

Заменик-генералниот секретар на Собранието Никола Ѓошевски се обрати на TAIEX работилница за подобрување на интегритетот на Парламентот

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Заменик-генералниот секретар на Собранието на Северна Македонија Никола Ѓошевски денеска имаше воведно обраќање на дводневната работилница на TAIEX, посветена на подобрување на транспарентноста и интегритетот на Собранието, организирана и финансирана од Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската Комисија во соработка со Собранието.

Ѓошевски, како што соопшти собраниската прес-служба, истакнал дека можноста за користење на услугите на TAIEX, особено во делот на обезбедување на техничка помош при транспонирање и спроведување на законодавството на ЕУ, е од исклучително значење за македонското Собрание.

-Донесувањето нов етички кодекс, согласно препораките ГРЕКО, претставува зачувување и афирмација на достоинството и угледот на пратениците во Собранието. Неговата основна цел е исто така да ја зголеми довербата на граѓаните и јавноста во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник, истакнал Ѓошевски.

Тој нагласил дека Собранието континуирано работи на унапредување на административните капацитети, на јакнење на капацитетите на собраниската стручна служба и во таа насока е и оваа соработка со Европската комисија, преку TAIEX.

Потенцирал дека врвен приоритет за Собранието е јакнење на довербата што граѓаните ја имаат во оваа институција, а тоа е можно само преку политики на интегритет и транспарентност.

Ѓошевски додал дека основната цел на оваа работилница е да се сподели концептот на етичкиот систем во Собранието и да се продискутира за начинот на кој ќе се подобри неговата операционализација.

На работилницата присуствувале собраниски службеници, како и претставници на Државната комисија за спречување на корупција.

Собранието успешно ја користи TAIEX техничка помош за исполнување и подобрување на својот делокруг на работа и надлежности. Посебно внимание било посветено на унапредување на транспарентноста и интегритетот на Собранието. За таа цел, Европската комисија ангажираше експерти од Франција и Хрватска, се додава во соопштението на собраниската прес-служба. нд/вј/

Фото: Собрание

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан