• четврток, 12 февруари 2026

Еднодневен прекин на работата на Адвокатската комора на Војводина поради измените во пакетот судски закони

Еднодневен прекин на работата на Адвокатската комора на Војводина поради измените во пакетот судски закони

Белград, 10 февруари 2026 (МИА) - Адвокатската комора на Војводина (АКВ) е на еднодневен прекин на работата поради неодамна усвоените измени во пакетот судски закони, со повик до Управниот одбор на Адвокатската комора на Србија да донесе одлука за тридневен прекин на работата без одлагање доколку тие закони не бидат повлечени во меѓувреме.

УО на АКВ ги повикува судиите и јавните обвинители да ги поддржат адвокатите во активностите насочени кон почитување на уставноста и законитоста и бара од Министерството за правда итно да предложи измени во пакетот изменети судски закони со кои ќе се поништат одредбите што ја намалуваат автономијата и независноста на судските органи.

За време на прекинот на работата, адвокатите нема да постапуваат пред судовите, обвинителствата и другите државни органи, освен во неколку исклучителни случаи. 

Во Белград, пред зградата на Уставниот суд се одржа синоќа протест поради пакетот судски закони што стапија во сила откако ги потпиша претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Протестот го свикаа студентите кои со месеци ги блокираа факултетите со цел да се испрати поддршка до вработените во српското судство. Учесниците на протестот бараа повлекување на законот, што беше критикуван од дел од стручната јавност и опозицијата, бидејќи сметаат дека законите можат да ја загрозат независноста на судството и обвинителството и тековните постапки и истраги.

Српскиот министер за правда Ненад Вујиќ вчера изјави дека Србија е подготвена да влезе во „процес на корекција“ на новите судски закони само ако Венецијанската комисија има суштински забелешки.

Вујиќ, исто така, потврди дека претставниците на ЕУ, со кои се сретнал минатата недела во Брисел, прашале дали е можно да се запре примената на изменетите судски закони, но тој ја исклучил таквата можност.

Законите беа усвоени минатиот месец во српскиот Парламент, без јавна дискусија и без консултации со обвинителите, судиите, Венецијанската комисија и ЕУ. Членовите на владата во Собранието ги бранеа промените на постојните закони, тврдејќи дека тие ќе придонесат за ефикасност и правичност во работата на судските инстанци.

И покрај предупредувањата од ЕУ, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги потпиша промените, што во Брисел е оценето како „сериозен чекор назад“ на европскиот пат на Србија. зш/сд/

Остани поврзан