• четврток, 12 февруари 2026

Албанија, Косово и Хрватска годинава ќе ја одржат првата трилатерална воена вежба

Албанија, Косово и Хрватска годинава ќе ја одржат првата трилатерална воена вежба

Тирана, 11 февруари 2026 (МИА) - Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу денеска изјави дека првата трилатерална воена вежба на Албанија, Косово и Хрватска ќе се одржи  годинава, во рамките на Договорот за соработка потпишан на 18 март минатата година.

- Во 2026 година ќе се одржи првата трилатерална вежба, во согласност со Стратешкиот концепт на НАТО и евроатлантските цели, објави Венгу на социјалните мрежи.

Тој истакна дека е направен важен чекор во спроведувањето на трилатералниот договор, нагласувајќи дека началниците на генералштабовите на Албанија и Хрватска, како и командантот на Косовските безбедносни сили, одржале заеднички состанок за подобрување на воената соработка, при тоа постирајќи фотографија од тројцата високи армиски старешини.

- Фокусот на соработката ќе биде на зајакнување на воената координација, поголема интероперабилност и подигнување на оперативната подготвеност на вооружените сили на трите земји, со посебен акцент на развојот на заеднички вежби и обуки за справување со безбедносните предизвици и хибридните закани, напиша Венгу.

Средбата се одржа денеска во Скадар, а претходно на 30 јануари беше организиран состанок во Загреб на ниво на директорите за одбранбена политика и вооружување на трите земји. вт/ми/

Фото: Венгу 

 

 

 

 

Остани поврзан