Делчевските советници активни учесници во проектот за поддршка на маргинализирани групи граѓани
- Проектот за Развој на услугата советувалишна и советодавно-тераписка работа на жени со попреченост, родители на лица со попреченост и други маргинализирани групи, кој веќе интензивно се спроведува во Општина Делчево, денес продолжи со работилницата насловена: „Сензибилизирани советници , можност за одговор на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства“.
Делчево. 13 декември 2024 (МИА) - Проектот за Развој на услугата советувалишна и советодавно-тераписка работа за жени со попреченост, родители на лица со попреченост и други маргинализирани групи, кој веќе интензивно се спроведува во Општина Делчево, денес продолжи со работилницата насловена: „Сензибилизирани советници , можност за одговор на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните семејства“.
Работилницата беше наменета за членовите на општинскиот Совет и како што истакнаа организаторите, оваа работилница е дел од низата работилници кои досега беа организирани за: стручните соработници во локалните институции, Советот за социјална заштита, лицата со попреченост и нивните родители, образовните асистенти на учениците со попреченост.
-Денешната работилница има за цел да ги сензибилизира советниците за потребите и предизвиците со кои се соочуваат маргинализираните групи , со акцент на лицата со попреченост и нивните семејства. Советот на општината е орган каде се донесуваат најбитните одлуки за мерките и активностите кои ги засегаат маргинализираните групи, нивното непосредно учество во одлучувачките тела на општината, каде застапеноста на лицата со попреченост досега е скоро незабележителна, истакна Сузана Петровска, координатор на проектот.
Во тој контекст беа спроведени неколку сесии и вежби за начините и техниките за лобирање и застапување и можностите и начините на интеграција на лицата со попреченост или член на нивните семејства во телата каде се носат одлуките.
-Следува уште една работилница со бизнис секторот, по што ќе следи лиценцирањето на НВО „Бравура кооператива“ за давање на советувалишната и советодавно-тераписката услуга, која ќе биде четврта развиена социјална услуга за маргинализираните групи во Општина Делчево, додаде Петровска.
Активностите се дел од Проектот за развој на советувалишна и советодавна тераписка работа со маргинализирани групи, со посебен акцент на лицата со попреченост и родители и истиот финансиски е поддржан од Мрежата на заедница на локалните самоуправи од Југоисточна европа - НАЛАС, ГИЗ и ЗЕЛС како партнери во проектот. вс/
ФОТО: МИА