• петок, 27 декември 2024

Грчката Влада со 330 милиони евра ќе ги поддржи угостителите што се затворени веќе пет месеци

Грчката Влада со 330 милиони евра ќе ги поддржи угостителите што се затворени веќе пет месеци
Атина, 2 април 2021 (МИА) – Пакет од 330 милиони евра за обезбедување обртен капитал за угостителските компании со цел набавка на суровини за првите два-три месеци кога ќе почнат со работа, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на состанокот за поддршка на угостителите во Грција, кои веќе пет месец, од почетокот на ноември се целосно затворени, јави дописничката на МИА од Атина. Средствата се од европски фонд наменет за периодот 2021-2027 година и се однесуваат на мали и средни компании. Висината на помошта е седум отсто од прометот во 2019 година, максималниот износ е утврден на 100.000 евра по компанија и е неповратен, а еден од условите е во 2020 година намалувањето на прометот да било најмалку 30 отсто во споредба со една година претходно. Грчкиот премиер на средбата со претставници на угостителите рече дека целта на програмата е подготовка за иднината, односно да добијат поддршка кога повторно ќе почнат со работа. Кафулињата, рестораните, таверните и останатите угостителски објекти во Грција затворени се од 3 ноември 2020 година, а според најавите, веројатно ќе бидат меѓу последните сектори што ќе почнат со работа во рамките на постепеното олабавување на мерките. Според грчките медиуми, угостителите би можеле да отворат најрано пред Велигден, но во зависност од епидемиолошката слика во земјата, не е исклучена можноста почетокот на работа да се одложи за месец мај, односно непосредно пред отворањето на туризмот закажан за 14 мај. За време на првиот карантин лани, угостителските објекти беа затворени два месеци. ср/

Остани поврзан