• сабота, 28 декември 2024

Хутите тврдат дека го погодиле аеродромот „Бен Гурион“, Израел вели воздушната одбрана ја пресретна ракетата

Хутите тврдат дека го погодиле аеродромот „Бен Гурион“, Израел вели воздушната одбрана ја пресретна ракетата

Тел Авив, 27 декември 2024 (МИА) - Иранските Хути од Јемен презедоа одговорност за ноќниот балистички ракетен напад врз Израел, тврдејќи дека цел бил аеродромот „Бен Гурион“.

Хутите тврдат дека „ракетата успеала да ја достигне целта и покрај одбраната на непријателот, а операцијата резултирала со жртви и прекин на навигацијата на аеродромот“.

Меѓутоа, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека ракетата била успешно пресретната од воздушната одбрана и нема извештаи за оштетувања на аеродромот. Пристигнувањето на летови било привремено запрено на 30 минути.

Хутите дополнително тврдат дека извршиле напад со дронови врз „витална цел“ во областа на Тел Авив. Израелските власти соопштија дека во изминатото деноноќие нема извештаи за дронови кои пристигнале од Јемен.

Групата, поддржана од Иран, исто така изјави дека цел на напад бил и контејнерски брод во Арапското Море, кој бил погоден со повеќе дронови.

Портпаролот на Хутите, Јахја Сари, изјави дека нападот врз аеродромот „Бен Гурион“ со хиперсонична балистичка ракета „Палестина 2“ и нападот врз контејнерскиот брод „Санта Урсула“ во Арапското Море биле „одмазда за израелската агресија врз нашата земја.“

Групата ветува дека ќе продолжи со нападите врз Израел „сè додека не се прекине агресијата врз Газа и не се укине блокадата.“

Вчера, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека започнале воздушни напади врз меѓународниот аеродром Сана во главниот град Јемен контролиран од Хутите и енергетските објекти во пристаништето Ходеида. ссм/

фото: архива

Остани поврзан