Уставни измени доколку има политички договор, но и сигурност дека нема да има потенцијално бугарско вето
- Политичка волја, но и политички договор дека кога ќе почне процедурата и ќе заврши, како и сигурност дека нема да има потенцијално бугарско вето се потребни за спроведување на уставните измени. Со вакви пораки вчера излегоа претседателот на Собранието Африм Гаши и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, еден ден по годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците, во кое таа меѓу другото потенцира дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите и повика на консензус меѓу власта и опозицијата околу заедничките државни интереси.
Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Политичка волја, но и политички договор дека кога ќе почне процедурата и ќе заврши, како и сигурност дека нема да има потенцијално бугарско вето се потребни за спроведување на уставните измени. Со вакви пораки вчера излегоа претседателот на Собранието Африм Гаши и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, еден ден по годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците, во кое таа меѓу другото потенцира дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите и повика на консензус меѓу власта и опозицијата околу заедничките државни интереси.
Собранискиот спикер Гаши, вчера по брифингот со новинарите истакна дека парламентарното мнозинство смета дека се потребни политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата за уставните измени да биде и спроведена.
-Процедурата за уставни измени е пропишана во Уставот и во Деловникот. Секој кој ги исполнува условите може да покрене иницијатива. Но, ние како парламентарно мнозинство мислиме дека треба да има политичка волја и политички договор за тоа кога ќе почне процедурата да биде спроведена. Знаете дека уставни измени се случуваат кога за тоа гласаат две третини од нашето Собрание и ние кога ќе сме сигурни дека тоа ќе биде прифатено од мнозинството на пратеници во нашето Собрание, тогаш ќе ја почнеме процедурата. Во друг случај, не можеме никому да забраниме, но мислиме дека не е добро да се експериментира со такви постапки, рече Гаши.
Прашан дали пропаѓа преизборното ветување на Вреди за уставни измени до Нова година, Гаши одговори дека не се сеќава оти во програмата на Вреди било напишано такво нешто.
-Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата итн. Секако дека имаше такви изјави. Знаете дека тоа е комплексно прашање и не зависи од еден политички сегмент, треба да гласаат две третини од Собранието. Како што знаете, Коалицијата Вреди и сите нејзини пратеници стојат зад тоа и ако би дошле на дневен ред, ние би ги гласале и денеска. Но, мислиме дека треба заеднички да се договориме кога е тоа најдобро за државата и за сите граѓани. Правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога има политички договор околу тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи, дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци итн, рече тој.
Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, пак вчера изјави дека сериозно работат на надминување на проблемот со евроинтеграциите, а оти уставни измени ќе има кога ќе бидат сигурни дека нема да има потенцијално вето од Бугарија и кога ќе изнајде решение кое ќе го гарантира завршетокот на овој процесот.
И тој се осврна на предизборната реторика на Вреди и сегашните постапки како дел од Владата, во однос на уставни измени до крајот на годината.
- И на македонски јазик имам изјавено дека никогаш не сум велел дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени на крајот од годината. Кога ја формиравме Владата не го направивме тоа со една нога надвор, а со една внатре и не со уцени дека ќе ја напуштаме Владата, рече вчера Муртезани во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Нагласи дека не држи ставот дека новата Влада го блокирала патот кон Европската Унија, а дека таа работи на изнаоѓање на решение, како што кажа, имаат потврдено сите европски и американски претставници кои ја посетиле земјава.
-Владата не работи само декларативно, туку работи сериозно за надминување на проблемот. Не е значајно колку месеци ќе трае тоа. Кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија тогаш уставните измени ќе дојдат пред вас во Собранието и ќе бидат само техничко прашање за да осигураме 80 пратеници, потенцира Муртезани.
На уставните измени и евроинтеграциите завчера се осврна и предедателката Сиљановска Давкова во своето годишно обраќање.
-Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на Преговарачката рамка, односно Заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било вин решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на Преамбулата на договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, вин би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство, нагласи Сиљановска Давкова.
Сепак таа додаде дека прашањето „Дали ќе го смените Уставот“ ја навредува и како професорка и како претседателка и пред пратениците истакна дека Уставот го менуваат само тие, као избраници на граѓаните, кои треба да гласаат по сопствено уверување.
-Го знаете мојот одговор: прашањето е надвор од ЕУ уставните норми, а јас не можам и не смеам да гарантирам уставни промени, оти не сум апсолутен монарх, кој не ја почитува поделбата на власта и параламентарната демократија. Уставот го носите и менувате само вие, кои ги претставувате граѓаните и гласате по вашето сопствено, а не по моето уверување, рече таа.
Сите за единство, неговата форма допрва ќе се гради
Шефицата на државата завчера од собраниската говорница повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозициата околу заедничките државни интереси.
Таа нагласи дека верува оти патот кон Брисел „може да се изоди полесно и побрзо ако сите ние - претседателот, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите, функционираме како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно е симфонијата владеење на правото, со која треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел“.
-Но, на членовите на оркестарот, како и на публиката им е потребна заслужена стандардна валоризација на стореното од страна на европските евалуатори, низ призма на најважните конститутивни документи на ЕУ: Лисабонскиот договор и Конвенцијата за фундаменталните права, но и најважните меѓународни документи кон кои пристапи ЕУ, како Повелбата на ООН и Европската конвенцијата за човекови права. Или, поинаку кажано: дали сме ја хармонизирале нашата легислатива со европското право и дали функционираме врз основа на европските стандарди, односно Копенхагенските критериуми? Усогласениот настап на македонските носители на власт во меѓународните односи е доказ за сериозна држава и државнички политички пристап, а различниот, за слаба држава. Истово важи за конзистентентноста на ставовите. Тие се усогласуваат дома, а надвор се бранат од сите, рече Сиљановска Давкова.
На потребата од национален консензус неодамна се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека без таков консензуз не можат да се придвижат работите ниту милиметар.
-Ние сме подготвени за национална стратегија во секој момент, да видиме што е тој предлог, ќе разговараме зошто да не. Без национален консензус нема поместувања ниту милиметар, изјави тој минатата недела, осврнувајќи на тоа дали ја разгледал „Платформата за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии“, која, пак ја подготви Движењето ЗНАМ, а која, како што посочи неговиот лидер Максим Димитриевски има цел да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на полноправно членство во Европската Унија.
-Спремни сме, продолжи Мицкоски, и во минатото сме покажале и дека како опозиција сме подготвени.
-Тоа што некој немал слух и којшто одлучил наивно да ги води процесите, наспроти интересите на граѓаните и наспроти интересите на државата, тоа е друг проблем. Верувајте дека нема милиметар да се поместиме ако немаме национален консензус, порача Мицкоски.
Со порака за обединување завчера излезе и претседателот на СДСМ Венко Филипче. Тој повика на заедничка, натпартиска стратегија која „ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови“. Според него наместо вистински национални платформи во изминатите шест месеци имало политички поделби, а СДСМ „нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија“.
-Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување, изјави Филипче на прес-конференција по повод шест месеци работа на Владата.
Тој предложи да се формираат тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на платформата и заедно да ги дефинираат стратешките позиции во сите области.
-Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира, истакна Филипче, според кого, тоа е „реален патриотизам“ и пристап со кој „може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата“.
Западен Балкан од Бриселскиот самит со целосна и недвосмислена поддршка за членството, но без конкретни ветувања
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати повтори дека кога се говори за продолжување на евроинтеграциите работи на план, со кој нема да се изоди само првиот чекор, туку ќе се донесе процесот до крај, а по Самитот во Брисел на прашање дали е оптимист изјави дека на сите средби и состаноци ги изнесувал аргументите.
-Јас не добивам од страна на моите соговорници контрааргументи, бидејќи контрааргумент не е - треба 27 да одлучат. Зборувам за план, којшто не е план само за првиот чекор. Јас сум подготвен да разговарам за план, којшто нас ќе не однесе до крај, бидејќи ние како држава не сме како сите кандидати, морате тоа да го признаете. Затоа што ние повеќе од две и пол децении сме дел од овој процес. Скоро две децении сме кандидати и никој досега немал билатерални договори во својата преговарачка рамка, изјави Мицкоски во Брисел.
Од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун во далечната 2003, Унијата, која сега има 27 членки постојано со декларативна заложба за членството на Западен Балкан.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, во Брисел предупреди дека спорот меѓу соседите од Западен Балкан не треба да го засени пристапниот процес, што важи и за земји-членки на ЕУ чии билатерални проблеми со поединечни земји-кандидати влијаат на процесот во целина.
Во завршната „Бриселската декларација“ од Самитот се нагласува дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа учесниците на средбата уште еднаш ја потврдуваат својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата.
- Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен Самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува документот.
Во него се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
-Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во „Бриселската декларација“. ац/нд/
Фото: МИА архива