• среда, 04 март 2026

Вучиќ со Крозето на средба во Белград фокусирана на глобалните безбедносни предизвици и зајакнување на соработката меѓу Србија и Италија

Вучиќ со Крозето на средба во Белград фокусирана на глобалните безбедносни предизвици и зајакнување на соработката меѓу Србија и Италија

Белград, 3 март 2026 (МИА) -  Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград разговараше со италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето за зајакнување на билатералната соработка, особено во областа на одбраната, ситуацијата на Блискиот Исток и актуелните кризни жаришта, како и улогата на Србија и Италија во новите меѓународни околности.

Вучиќ ја оцени средбата со Крозето како одлична, наведувајќи дека разговарале за главните аспекти на сè посложениот глобален безбедносен контекст.

„Обрнавме посебно внимание на актуелните кризни жаришта и последиците за стабилноста на Европа и Медитеранот, како и за поширокиот меѓународен поредок. Повторив дека современите безбедносни закани се непредвидливи, со висок ризик од прелевање на конфликти, што најдобро го покажува актуелниот конфликт низ целиот Блиски Исток“, напиша Вучиќ во објава на Инстаграм.

Тој изрази загриженост за понатамошниот развој на ситуацијата на Блискиот Исток, како и на Западен Балкан, каде што, како што истакна, неодамна има нови воени сојузи кои не придонесуваат за зачувување на стабилноста и општата безбедност и кои непотребно ги зголемуваат тензиите.

„Посочив дека секоја дестабилизација на двата региона има директни последици за европската безбедност, енергетската стабилност и глобалните трговски текови. Повторив дека дијалогот е единствениот пат до трајно решение и дека е потребно да се вложат дополнителни напори за смирување на тензиите“.

Тој додаде дека разговарале и за потребата од подобра координација и размена на информации меѓу партнерите со цел ублажување на последиците од регионалните конфликти. зш/ми/

фото: Инстаграм/Вучиќ

Остани поврзан