• четврток, 26 декември 2024

Во Битола пронајдени над 100 пушки од балканските војни

Во Битола пронајдени над 100 пушки од балканските војни

Битола, 22 мај 2024 (МИА) – Работници кои изведуваат градежни работи за изградба на нов противпожарен дом во Битола, за време на ископ пронајдоа над 100 пушки што датираат од периодот на балканските војни.

На просторот во поранешната касарна, на локацијата каде Општина Битола ја почна изградбата на новиот противпожарен дом, пронајдена е поголема количина оружје, поради што градежните работи се привремено запрени, а увид на теренот изврши градоначалникот Тони Коњановски.

– Изведувачот на градежните работи на локацијата каде што треба да „никне“ новата противпожарна зграда, најдена е поголема количина на лесно оружје. Активностите во моментот се запрени. Според правилата пријавено е до Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување. Видовме дел од оружјето, тоа се претежно пушки, над 100 парчиња кои се извадени на оваа локација. Според нивното кажување датираат од периодот на Балканските војни. Битола знаете во тој период и како територија и како регион била една од најбомбардираните места за време на Балаканските војни и Првата светска војна, така што ова не е нешто невообичаено. Активностите се прекинати се додека оваа локација не биде обезбедена онака како што треба и како што законската регулатива тоа го налага, изјави Коњановски за време на денешниот увид на терен.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски врши увид на местото

Градоначалникот Коњановски и претставниците на Дирекцијата за заштита и спасување најавија организирани едукативни активности во соработка со воспитно-образовните институции, со цел едукација на младите за начинот на постапување и соодветно пријавување во случаи на затекнато старо оружје на одредени локации. мт/ра/

Фото: Општина Битола

Остани поврзан