• недела, 24 ноември 2024

Вајц за МИА: Многу сум критичен кон Вархеји поради неговата пристрасност кон Србија

Вајц за МИА: Многу сум критичен кон Вархеји поради неговата пристрасност кон Србија
Брисел, 27 октомври 2021 (МИА) - Европратеникот Томас Вајц од редовите на австриските Зелени, во интервју за МИА говори за големите прашања во регионот, една недела откако во Европскиот Парламент предупреди дека „не е исклучена нова граѓанска војна во Босна и Херцеговина“, но тој е оптимист дека има излез од ситуацијата со силна улога на ЕУ. Во вашето обраќање во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент пред еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји минатата недела имавте една шокантна изјава, рековте дека не е исклучена нова граѓанска војна во регионот. Зошто? Во Босна и Херцеговина, да. Босна е секогаш огледало на регионот и секогаш била во последните сто години. И за жал етничките тензии и поделбите меѓу граѓаните се продлабочија. Плановите за сместување на бегалците од војната не ги исполнија очекувањата. Имаме зацементирана сегрегација, гледаме дека ЕУ не успеа да ја насочи земјата во една единствена република и не успеавме да го спречиме продлабочувањето на етничките тензии. И хрватските конзервативци не играат добра улога во ова. Гледаме вистински ризик од распад на Босна и Херцеговина, сериозен ризик ЕУФОР и мисијата Алтеа која гарантира мир и ненасилство во земјата да не може да се пролонгира поради Русија и Кина. Русија го држи т.н. словенски штит и тоа е во согласност со тоа што го прави Милорад Додик, вели дека не сака сецесија, но прави сѐ за тоа, само не го нарекува така. Тензиите растат, а новите генерации не го надминаа тоа. И тоа е поврзано со образованието во БиХ, во секој кантон имате различна образовна програма. Децата учат различна историска перспектива и главен поттик беше последната одлука на високиот претставник Инцко. Ги употреби неговите извршни овластувања за измени на законската рамка за да ги криминализира говорот на омраза и негирањето на геноцидот во Сребреница. Реакцијата на Република Српска беше брза, бидејќи токму тоа и го прават. Отворете ги историските учебници таму и ќе видите дека се зборува за војна и дека сите биле лоши, но најлоши биле Муслиманите, затоа што убиле многу Срби. Толку. Војна е војна, никогаш не е убаво, и многу луѓе во неа учествуваат и на крајот имате воени злосторства од сите страни. Но, да ја погледнеме поделбата на моќта. Јас сум Австриец, ние моравме во одреден момент да ги признаеме нашите злосторства за да има помирување. Тоа е тоа што ни донесе напредок и почитувано место на масата на европското семејство. Прашањето е дека сите земји на Западен Балкан се независни држави и тоа ЕУ мора да го почитува. Овие земји имаат избори, тие се демократии, и ако една земја донесе погрешна одлука, кои сме ние да противречиме? Мора да прифатиме но не треба да го негуваме тоа. Критичен сум многу кон тоа што го прави еврокомесарот Вархеји во моментов. Неговиот извештај за Србија е премногу позитивен, а не можеме тоа да го потврдиме. Дипломатите на терен, невладините... Србија оди назад. Само затоа што дискутираат за нов изборен закон со опозицијата, не значи дека е напредок, тоа е само симболично. Ако го спроведат законот и навистина организираат демократски избори каде опозицијата има еднакви шанси да допре до луѓето, а не со 70 до 80 отсто медиуми контролирани од Вучиќ кои ги нарекуваат предавници, тогаш само ќе можеме да кажеме дека има напредок. До тогаш велам дека одат назад и ЕУ мора да биде многу јасна. До кој степен сметате дека Вархеји има одговорност во начинот на кој се третира Западниот Балкан и посебно Србија? Дали е вистинскиот човек на вистинската функција? Не може тој да биде одговорен за политика на ЕУ во регионот во последните 20 години. Таму е само две години. Не е црно-бело. Јас соработувам со него со ИПА 3 фондовите и тој е генерално поддржувач на регионот, не оди против регионот. Го гледам како делумно пристрасен кон Србија. И ова има јасни политички причини. За жал ФИДЕС на Орбан, партијата што го назначи, има влијание врз него, сигурен сум. Орбан едноставно сака нелиберални демократии, тој сака земји каде владеат силни лидери, така што тој има симпатии за начинот на којшто Вучиќ ја води земјата. Орбан не е ни многу загрижен за тоа како се шири сиромаштијата во неговата земја, како здравствениот систем му е ослабен, дека стапката на тешка форма на Ковид-19 е меѓу највисоките итн. Но, не мислам дека Вархеји оди против регионот. Само сметам дека е пристрасен за Србија. Ја сакам Србија, ги сакам граѓаните на Србија, но сметам дека ЕУ треба појасно да каже што гледа, а не да му се додворува на Вучиќ знаејќи дека игра против нас заедно со Русија и Кина. Треба да бидеме јасни за тоа. А не да гледаме на страна и да даваме пари надевајќи се дека еден ден ќе се случи чудо. Мислам дека е тоа погрешна стратегија. И за Додик и Република Српска треба да му кажеме на Вучиќ јасно дека знаеме дека тој е дел од бандата, дека Додик ништо не прави без негово одобрение, го знаеме тоа. Зошто ЕУ не го прави тоа? Моќта лежи во Советот, кај земјите членки, зошто тие не се подиректни кон Србија и Вучиќ тогаш? Мислам дека е геостратешка проценка дека вака ќе добијат повеќе. Но, ако ја ставате геостратегијата прва, а вистината последна, гледате каде завршува. Таа стратегија не функционира. И ЕУ не треба да ја копира таа стратегија. Има проблем со странско влијание од Русија, има желба од страна на ЕУ за учество на Србија во ЕУ, има различни пристапи, некои поконзервативни кои сметаат дека не треба да се гледа преблиску и дека со седење на наша маса ќе станат европски. Јас сметам дека за да седите на нашата маса треба да ги следите заедничките правила. И ако не го правите тоа вашата маса е таму. Има и земји членки кои не ги почитуваат тие правила... Да, свесен сум за проблемите што ги имаме внатре, но не можете да ги ставите Унгарија и Полска на исто ниво. Полска не ги сака обидите за приближување со Русија, пробаа да формираат заедничка група со екстремната десница во Европскиот Парламент, но не им успеа бидејќи екстремната десница е проруска. Исто така, полската Влада има многу назадна и реакционерна католичка политика, но дури и ако не ми се допаѓа, тоа е идеолошка позиција што морам да ја прифатам. Ваше право е да мислите дека семејството е само меѓу маж и жена, иако не се согласувам. Но, тоа што Орбан го прави е хранење на неговите десет најдобри пријатели да станат огромни олигарси, краде, цензурира култура, сѐ, ова оди многу подалеку од тоа што се случува во Полска. И да, двете се во конфликт со темелните права, точно, но не може да ги споредите. Унгарија е многу сериозен проблем, но има избори наскоро и целата опозиција е здружена што е многу интересно и избраа кандидат кој мислам дека може да го победи Орбан. А што се однесува до Полска, нивните фондови се суспендирани, не добиваат пари во моментов, имаме нов механизам на условување ако не ги следите основните вредности и владеењето на правото можеме да ги задржиме фондовите, а тоа се големи пари за Полска. ЕУ почнува да го менува системот за да може ефикасно да реагира. Да се вратиме на Балканот и на Косово и Србија, последните инциденти на северот на Косово. Дали ова значи дека ЕУ дијалогот веќе не функционира? Не. Дијалогот функционира. Ситуацијата е тешка исто така и поради позицијата на Албин Курти. Јас го разбирам тој став, дека седи на преговарачка маса со противник кој не го признава. Основата на преговори е взаемна почит и прифаќање. Српската страна му вели не сте легитимен да преговарате затоа што сте дел од мојата држава и Курти вели врз основа на тоа не можеме да преговараме. Тој вели прифатете ја независноста на Косово, па да почнеме да преговараме за сѐ. Од друга страна ова е идеолошка, па дури и филозофска позиција. Го разбирам тоа, но во реална политика имате само две опции: дијалог или насилство. Ако не сакате насилство мора да се свртите кон дијалог, иако предусловите на преговорите не се многу поволни. Мислите дека и покрај сѐ ова може да се дојде до исполнување на мандатот на дијалогот, а тоа е нормализација на односите? За жал ова не зависи само од овие две земји. Зависи и од пет други земји кои уште на ја признаваат независноста на Косово. Зависи и од надворешни актери како Русија, кои се од српска страна и ќе треба долг процес во српското население. Не може 20-30 години да му велите на народот дека овие луѓе го украле срцето на националниот идентитет и да очекувате преку ноќ да им е сеедно. За Србија да ја прифати независноста на Косово ќе им треба промена на Уставот. А за тоа треба двотретинско мнозинство. Ќе треба време да се смени целата перцепцијата кон прифаќање. Тоа може да се случи со зачленување на едната или другата земја во ЕУ. Уште го браниме принципот на регата: кој стигне прв, влегува прв. Ова е нашата стратегија кон Србија, ако видат дека друга земја од регионот се зачлени во ЕУ и ја подобри својата економија... А не мислите ли дека тој принцип на регата само ќе донесе повеќе блокади помеѓу државите од регионот? Не треба ли да има друг механизам кој ќе оневозможи ставање вето поради билатерални спорови, како што гледаме сега со Бугарија? Се обидуваме да го надминеме принципот на едногласност за пристапување на нови членки. Ова е суштинско прашање. Но, мора да живееме со ова, почит кон секоја земја дали е мала или голема. Мораме да убедуваме и да преговараме. Треба ли да се укине едногласноста во областа на проширувањето? Можам да ви дадам многу јасен одговор за која било друга област - фискална, надворешна политика, но кога станува збор за прием на нови членки... можеби многу висок праг на мнозинство би функционирал. Нешто како четири петтини земји кои застапуваат четири петтини од населението на ЕУ. Нешто такво, но важно е сите земји членки да одобрат нова земја членка. Ова е основата на солидарност врз која ја градиме ЕУ. И во дијалогот меѓу Србија и Косово и во спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија беше потребна помошта на САД. Дали ЕУ во 2021 сѐ уште не е способна да се справува со регионот без Америка? САД се и НАТО. Станува збор и за ЕУ и НАТО, и многу земји од ЕУ се членки на НАТО. И цивилниот, дипломатскиот дел од пристапот е повеќе ЕУ, додека САД е повеќе силниот, воениот дел. Тоа се десната и левата рака. Но, има и друг аспект: Балканот е за жал поле за геостратешки интереси. Не е случајно што Русија и Кина играат таква игра, што Турција игра таква игра во споровите на Балканот. Има многу влијанија кои создаваат мини лабораторија на Балканот. Ова не ништо ново во регионот, ова е приказната на последните сто години. Тања Милевска

Остани поврзан