РСФ признаа дека се повлекле од Картум
- Лидерот на суданската паравоена група Сили за брза поддршка (РСФ), Мохамед Хамдан Дагло денеска првпат призна дека неговите војници го напуштиле главниот град на Судан, Картум

Картум, 30 март 2025 (МИА) – Лидерот на суданската паравоена група Сили за брза поддршка (РСФ), Мохамед Хамдан Дагло денеска првпат призна дека неговите војници го напуштиле главниот град на Судан, Картум.
Армијата на Судан од 27 март има целосна контрола врз Картум.
- Точно е дека во последните денови имаше трансфер на Силите во градот Омдурман и тоа беше одобрено од раководството и од оперативниот оддел, тоа беше колективна одлука. Потврдувам дека навистина го напуштивме Картум, но ќе се вратиме со поголема решителност, објави генерал Дагло на социјалните мрежи.
Тој демантираше дека РСФ преговара со армијата, потенцирајќи дека помеѓу нив постои само „јазикот на оружјето“.
Началникот на Генералштабот на суданската армија, генерал Абдел Фатах ал Бурхан, прогласи „ослободување на Картум од РСФ“ на 26 март, а еден ден подоцна армијата соопшти дека ја презела контролата врз главниот град.
Тој синоќа вети дека армијата ќе се бори сè додека не ги победи РСФ. И Бурхан негираше дека суданската армија и РСФ преговараат, истакнувајќи оти победата ќе биде целосна само кога последниот бунтовник ќе биде елиминиран.
Судирите помеѓу суданската армија и РСФ избија во 2023 година поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт во Судан. Од воениот удар во 2021 година со Судан раководи Суверен совет составен од армиски генерали.
РСФ е под команда на потпретседателот на Советот, генерал Дагало, а армијата ја предводи генералот Бурхан, кој е претседател на Суверениот совет. Според предложената транзиција кон цивилна влада, РСФ ќе биде интегрирана во суданската армија. РСФ бараше транзицијата да биде одложена за 10 години, но не се согласи армијата.
РСФ се составени од припадници на полицијата Џанџавид, обвинети за злосторства за време на долгата и смртоносна војна што започна во 2003 година во Дарфур, западен Судан, исто така е обвинета дека била вклучена во задушувањето на бунтот против диктаторот Омар ал Башир кон крајот на 2018 година, што кулминираше со неговото соборување од власт во април 2019 година.
Војната во Судан предизвика најголемата хуманитарна криза во светот, а РСФ и армијата се обвинети за масовно кршење на човековите права. Од почетокот на конфликтот помеѓу суданската армија и РСФ загинаа десетина илјади луѓе, а над 12 милиони лица ги напуштија своите домови. ми/
фото: МИА архива