• вторник, 03 декември 2024

Вархеји: ЕК за БиХ го искористи украинскиот модел на кандидатура

Вархеји: ЕК за БиХ го искористи украинскиот модел на кандидатура
Бања Лука, 13 октомври 2022 (МИА) - Европската комисија препорача на Босна и Херцеговина да ѝ се одобри статус кандидат за членство во Европската Унија, по ист модел како и во случајот со Украина. Оваа одлука е резултат на новата геостратешка ситуација на европскиот континент, изјави европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји. Тој во интервју за „Независне новине“ од Бања Лука, објавено денеска, зборуваше и за сомнежите околу тоа дали доделувањето кандидатски статус на Босна и Херцеговина и понатаму е поврзано со одредени услови што допрва треба да се исполнат. Сепак, според него, не се работи за условен статус. - Се работи за формула веќе применета кога станува збор за Украина, што значи дека ние од наша страна на Советот на ЕУ му предлагаме на Босна и Херцеговина да ѝ даде кандидатски статус, а потоа да разгледа дали се спроведени реформите, бидејќи ние веруваме дека сите заедно се наоѓаме на една геополитичка крстосница. Европа сега мора да даде понуда за Босна и Херцеговина со цел земјата да ја забрза нејзината внатрешна работа на европскиот пат, појасни Вархеји. Препораката на Босна и Херцеговина да ѝ се додели кандидатски статус, Советот на ЕУ треба да ја разгледа и одобри во декември. Кога го образложуваше предлогот вчера во Брисел, Вархеји истакна оти очекува во државата дотогаш да бидат формирани новите парламент и влада врз основа на резултатите од изборите на 2 октомври. Па, тие до седницата на Советот „ќе имаат на маса“ најмалку два закона, чие усвојување претходно е поставено како пакет „мини услови“ за одобрување кандидатски статус. Од вкупно три закони од пакетот, Парламентот на Босна и Херцеговина претходно годинава го усвои само законот за јавни набавки. Не се усвоени законите за спречување судир на интереси и за Високиот судски и обвинителски совет, на што од ЕУ инсистираа одлучно. Законите за јавни набавки и судир на интереси оценети се како клучни за спречување корупција во јавниот сектор. Дел од медиумите пишуваат дека од новата интерпретација на Вархеји, може да се заклучи оти до декември, ниту тие два закона не мора да бидат нужно усвоени. - Сакаме Босна и Херцеговина да добие нов почеток, затоа што потребен ни е нов почеток. Изборите во Босна и Херцеговина се одржаа и се надевам дека ќе им дадат замав на политичарите во земјата, институциите да ги формираат брзо и што поскоро да почнат со спроведување на реформите што ги предложивме. Доколку тоа се случи, многу работи може да се променат доста брзо, подвлече Вархеји. Тој смета оти на сите им е јасно кои се критичните реформи што треба да се спроведат. Вархеји посебно ги наведе судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, управувањето со илегалната миграција, како и изборните реформи. бд/

Остани поврзан