Коцевски ги задолжил сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес
- Јавното обвинителство на Северна Македонија денеска преку писмено соопштение информира дека државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски со исклучителна сериозност ги зема апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на ЈО во борбата против корупцијата.
Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Јавното обвинителство на Северна Македонија денеска преку писмено соопштение информира дека државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски со исклучителна сериозност ги зема апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на ЈО во борбата против корупцијата.
- Од тие причини, во рамките на своите надлежности, кои се од организациски карактер и не навлегуваат во предметното постапување на јавните обвинители, републичкиот јавен обвинител презема чекори за сериозна реорганизација на силите Јавното обвинителство која овозможува поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата, се вели во соопштението.
Оттаму информираат дека јавниот обвинител на Северна Македонија донел задолжително упатство со кое заради заштита на јавниот интерес и за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес. На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување.
Основните јавни обвинители на основните јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во основните јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата по број на предмети, подносители, преземени дејствија и активни издадени наредби, ќе ги анализираат предизвиците при постапувањето во таквите предмети и ќе изнесат предлози за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
Вишите јавни обвинители на вишите јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во вишите јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата, предизвиците при постапувањето во таквите предмети во втор степен и предлозите за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
За сите овие активности, како што се наведува, ќе бидат доставени извештаи до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители. мд/аа/
Фото: МИА архива