Сириските бунтовници започнаа напад врз Хама по заземањето на Алепо
- Сириските бунтовници, предводени од групата Хајат Тахрир ал-Шам започнаа напад врз провинцијата Хама откако го зазедоа Алепо.
Дамаск, 3 декември 2024 (МИА) - Сириските бунтовници, предводени од групата Хајат Тахрир ал-Шам започнаа напад врз провинцијата Хама откако го зазедоа Алепо.
Тие се на шест милји од градот Хама, четвртиот по големина во Сирија, заканувајќи се да ги пресечат владините сили од клучната рута кон Дамаск.
Според Сириската опсерваторија за човекови права, бунтовниците се соочуваат со значително посилен отпор во селските области северно од Хама отколку што тоа беше случај во регионот на Алепо претходно. Опсерваторијата соопшти за најтешки борби со владините сили откако офанзивата влезе во седмиот ден, со бунтовнички фракции кои зазедоа неколку градови и села.
Сириските и руските воздушни сили извршија десетици напади врз оваа област, а сириските државни медиуми потврдија дека цел на нападите биле и упориштето на бунтовниците во Идлиб и нивното напредување во провинцијата Хама. Русија, како клучен сојузник на претседателот Башар ал-Асад, продолжува со својата поддршка, иако нејзините ресурси се ограничени поради војната во Украина.
Обединетите нации известија дека борбите предизвикале раселување на речиси 50.000 луѓе, додека најмалку 571 лице е убиено, вклучувајќи 98 цивили. Зголемениот егзодус на цивили во пресрет на зимата предизвика загриженост кај меѓународните хуманитарни организации.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, алармираше поради насилството и повика на итен прекин на борбите. Европската Унија и САД, исто така, апелираа за деескалација на ситуацијата. Турскиот сојузник Катар, кој останува единствен арапски противник на нормализација на односите со администрацијата на Асад, повика на преговори меѓу завојуваните страни како единствен пат за завршување на конфликтот.
Норвешкиот совет за бегалци предупреди дека офанзивата на бунтовниците „се заканува да ја повлече земјата назад во најтемните денови на овој речиси 14-годишен конфликт“.
„Во Алепо, тимовите на НРЦ известуваат за недостиг на храна, бидејќи пекарите и продавниците се затворени. Оштетувањето на водоводните мрежи, исто така, го намали снабдувањето со вода во домаќинствата“, рече директорката на НРЦ за Блискиот Исток и Северна Африка, Анџелита Карада.
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан ветија „безусловна поддршка“ за нивниот сојузник, според Кремљ.
И соседен Ирак изрази поддршка, а денеска проиранска група во рамките на безбедносните сили ја повика владата да оди понатаму и да испрати борбени трупи.
Бунтовниците ја започнаа својата ненадејна офанзива на 26 ноември, напаѓајќи од областите на север и северозапад од Алепо. Тие влегоа во градот на 29-30 ноември, потиснувајќи ги оттаму владините сили.
Ова е првпат да се смени контролата врз градот од 2016 година, кога владините сили, поддржани од Русија и Иран, ги поразија бунтовниците кои ги контролираа источните области на Алепо.
Нападот е инициран од групата Хајат Тахрир ал-Шам. Порано позната како Фронт Нусра, таа беше официјално крило на Ал Каеда во сириската војна до раскинувањето на врските во 2016 година.
ХТС, предводена од Абу Мохамед ал Голани, долго време е доминантна сила во регионот Идлиб, дел од лакот на северозападот каде бунтовниците одржуваа упориште и покрај напредувањата на Асад на други места.
САД, Русија, Турција и други држави ја означуваат како терористичка група.
Друга алијанса на бунтовници започна посебна офанзива од областите северно од Алепо. Овие бунтовници се поддржани од Турција и организирани под знамето на Сириската национална армија. ссм/
фото: ЕПА