• среда, 04 декември 2024

Вучиќ во Брисел: Подготвени сме да соработуваме со сите во истрагата за нападот на каналот Ибар-Лепенац

Вучиќ во Брисел: Подготвени сме да соработуваме со сите во истрагата за нападот на каналот Ибар-Лепенац

Белград, 3 декември 2024 (МИА)-Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорите во Брисел кажа дека „доколку Србија воведе санкции кон Русија и го признае Косово, сите врати би и биле отворени“, како и дека „подготвени сме да соработуваме со сите во истрагата за нападот на каналот Ибар-Лепенац“, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој во Брисел денес се сретна со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, со комесарката за проширување и соседска политика на Европската комисија, Марта Кос, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, со специјалниот претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан.

- Важна и значајна средба со новоизбраниот претседател на Европскиот совет Антонио Коста, со кого разговарав за севкупните билатерални односи меѓу Србија и ЕУ, за состојбите во Европа и регионот, како и за можностите за забрзување на нашиот европски пат, напиша Вучиќ на Инстаграм по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.

„На претседателот на Европскиот совет му ја пренесов мојата загриженост за последната ескалација на безбедносната ситуација на Косово и побарав од ЕУ и нејзините земји-членки зголемен ангажман и поддршка“.

Говорејќи за деталите од денешните средби со европските претставници и со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан, Вучиќ рече дека европскиот пат е важен за Србија и дека се обидува да ги исполни условите кои се поставени. Разговарано е и за усогласување на надворешната политика на Србија со ЕУ.

- Да воведеме санкции кон Русија и да го признаеме Косово – сите врати ќе ни бидат отворени, но еве нè – не сме заинтересирани, нагласи Вучиќ и додаде дека нема намера да ја менува политиката бидејќи се покажала како добра.

Претседателот на Србија рече дека разговарал и за отворање на кластерот 3 со Герт Јан Копман, што, како што рече, многу би значело за Србија.

- Со Мирослав Лајчак зборував за ситуацијата во Косово и тој ќе дојде уште еднаш во Белград додека е на позицијата специјален претставник на ЕУ за дијалог, кажа тој.

Коментирајќи ја изјавата на косовската вицепремиерката Доника Гервале-Шварц, која пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го обвини Белград дека стои зад нападот на каналот Ибар-Лепенац, претседателот на Србија рече дека и било дозволено да зборува, но дека на никој од Србија немал шанса да и одговори на тие обвинувања.

Тој смета дека говорот на Гервала не наишол на голем одзив, а нон-пејперот на косовските власти го оцени како „срамен и не премногу добро формулиран“.

- Напишано е во стилот на Енвер Хоџа – ние нив ги мразиме, и тие се виновни, коментираше Вучиќ и нагласи дека „луѓето во светот бараат докази“ за ваквите обвинувања.

Тој повтори дека институциите во Белград, штом ќе имаат докази кој е одговорен за нападот извршен во петокот, ќе ја информираат јавноста.

- Многу работи ни се сомнителни, но она што е сигурно – Белград не е виновен, рече Вучиќ и порача дека Белград е подготвен да работи со сите од светот на истрагата и евентуалното апсење и гонење на одговорните за нападот. об/

ФОТО: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан