„Болна земја“ – нова поетска книга од Братислав Ташковски
- „Матица македонска“ ја објави поетската книга „Болна земја“ од Братислав Ташковски, за која писателот Венко Андоновски во предговорот вели дека е „голема и сјајна книга поезија затоа што болката е претворена во речиси еротски копнеж по татковината, небаре станува збор за жена.“
Скопје, 3 март 2026 (МИА) - „Матица македонска“ ја објави поетската книга „Болна земја“ од Братислав Ташковски, за која писателот Венко Андоновски во предговорот вели дека е „голема и сјајна книга поезија затоа што болката е претворена во речиси еротски копнеж по татковината, небаре станува збор за жена.“
-Не треба на „Болна земја“ да се гледа како на локална појава, сврзана за Македонија. Таа поезија понекогаш ни нуди најуниверзални пораки, кои важат за поетите на сите меридијани и за луѓето на сите географски широчини и должини ... Тој ја открил суштината на поезијата: поезијата е болка, таа е меланхолија, таа е или болно сеќавање или болно чувствување на нашето „сега“. Сите тие нешта ги наоѓаме уште во првата, антологиска песна на „Болна земја“, под наслов „Секое сеќавање е болка“, пишува меѓу другото во предговорот на книгата.
Според Андоновски, Ташковски припаѓа во светско семејство големи метонимиски поети, какви што Езра Пауд, Готфрид Бен, Бертолд Брехт, Енценсбергер и Гинзберг, а кај нас – Гане Тодоровски, и додава дека со неговото „најново поетско мајсторство дефинитивно се докажува дека Ташковски е веќе неодминлива, крупна и универзална константа на македонскиот поетски пантеон, негов столб.“
Братислав Ташковски минатиот месец за „Темна кутија“ ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2025 година.

Поетот Славе Ѓорго Димоски во поговорот кон поемата, со подналов „Песната на Ис“, вели дека ја реактуелизира улогата на поетот во современиот свет и дека е длабока духовна и егзистенцијална исповед на Ис, лирскиот субјект, кој „преку сугестивен драматичен монолог го исповеда постојаниот судир со судбината, со смртта, со смислата на човечкото постоење, со поезијата.“
- Сложено лирско-епско дело во кое субјектот се обидува да го означи својот идентитет, функцијата на поезијата и сопствената антропологија. Преку автопоетска исповед Братислав Ташковски создава современ мит за поетот како роб и владетел на својата поетска реч, како „грешник со голема душа“ впуштен во борба со темнината и стремеж кон светлината во која ќе ги најде смислата, вистината и спокојот во себе, пишува Димоски во поговорот на наградената поема.
Братислав Ташковски (1960, Скопје) е поет, романсиер, драмски писател и новинар. За своето творештво е добитник на голем број домашни и меѓународни награди. Од 1999 до 2002 година беше претседател на Управниот одбор на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Покренувач е и главен уредник на списанието за книжевност и култура АКТ. хс/са/
Фото: корици на книги од Братислав Ташковски