• сабота, 23 ноември 2024

АВМУ го објави вториот извештај за предизборното медиумско претставување од 8 март до 3 април

АВМУ го објави вториот извештај за предизборното медиумско претставување од 8 март до 3 април

Скопје, 16 април 2024   

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го објави Вториот извештај од мониторингот на медиумското претставување за Претседателските и Парламентарните избори, за периодот од 8 март до 3 април 2024 година.

Мониторингот ги опфати програмските сервиси на девет национални програмски сервиси - МРТ1; МРТ2; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести и ТВ 21-М, со фокус на прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот што се поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.

Очекувано, во редовните програмски термини за дебати и интервјуа беа присутни темите за претседателските кандидати, при што основната тема беше ставањето на кандидатот Стевчо Јакимовски на „црната листа“ на САД. Во вестите, покрај меѓупартиските обвиненија и партиски шпекулации беа присутни и критички новинарски прилози за непосредните, тековни проблеми кои содржеа експертско, правно-економско предупредување како и граѓански или синдикално организирани укажувања.

Во најголем број случаи, низ дебатите и интервјуата до израз доаѓаа искуството и професионализмот на новинарите, а како исклучително важни се покажаа новинарските прилози и посебните актуелно-информативни емисии во кои поттикнувачи и двигатели на објективната анализа на општествено-политичките состојби во различни ресори беше методолошки засновано, проверливо истражување на граѓански сектор или на странска институција со реален (финансиски/консултативен) удел во домашните процеси.

И овојпат, во мониторираниот период беше забележано отсуство на „втората страна“ во дебати и интервјуа кај некои медиуми. Во овој контекст се поплаките на информативните редакции на ТВ Алсат-М и ТВ Алфа, за различни видови бојкот и притисок при обидите за новинарска комуникација со претставници од владејачките партии ДУИ и СДСМ, било од партиски членови било од носители на јавна функција во некој орган на државната управа или во јавните установи/претпријатија.

Не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од страна на радиодифузерите.

Што се однесува до лицата со оштетен слух, единствено МРТ 1 и ТВ 24 Вести обезбедија превод на знаковен јазик во едно од своите изданија на вестите.

Извештајот од мониторингот на медиумското претставување за периодот од 8 март до 3 април 2024 година е достапен на линкот.

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Фото: МИА архива

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан