• вторник, 12 ноември 2024

Абдиу-Халили од Брисел: Имаме спремна администрација која работи во имплементација на ЕУ политики и проекти

Абдиу-Халили од Брисел: Имаме спремна администрација која работи во имплементација на ЕУ политики и проекти

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Во Брисел денеска завршува дводневниот билатерален скрининг за Поглавје 22: Регионална политика и координација на структурните инструменти, дел од Кластер 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија.

За време на дводневниот скрининг за Поглавје 22, соопштија од Секретаријатот за европски прашања, македонската делегација успешно реализирала над 30 презентации, на кои се осврнале на регионалната политика и координација на структурните инструменти.

Регионалните политики на ЕУ, појаснуваат од СЕП, се развиени со цел да се намалат социо-економските разлики помеѓу земјите-членки и помеѓу регионите, и да се обезбеди социо-економска интеграција и кохезија. Од друга страна, координацијата на структурните инструменти бара создавање на институционални и административни структури, како и имплементација на општи и посебни прописи поврзани со секој структурен фонд и со Кохезиониот фонд, кои ги сочинуваат финансиските инструменти на ЕУ за постигнување на дефинираните цели на регионалната политика.

Македонската делегација била предводена од Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, Дрита Халили, како и 40 претставници од повеќе државни институции кои се дел од работната група за ова поглавје, и тоа: Министерство за финансии, Министерство за транспорт и врски, Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен завод за статистика, Државен завод за ревизија, Ревизорско тело за ревизија на инструмент за претпристапна помош, Биро за јавни набавки, Генерален секретаријат, Центар за управување со кризи, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за економија Национална канцеларија за бродбенд компетентност, Комисија за заштита на конкуренцијата, Министерство за локална самоуправа, Државна комисија за спречување на корупцијата, Министерство за информатичко општество и администрација како и Секретаријатот за европски прашања.

Од СЕП информираат дека следно на скрининг агендата од 16 до 20 октомври, ќе се одржи билатерлниот скрининг за Поглавје 11 – Земјоделие и рурален развој. цр/нд/

Фото: СЕП

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан