Станарите од Блок 70 бараат реакција од институциите - иверици се користат за затоплување
- Во комплексот згради Блок 70 во Тетово станарите утринава забележале дека дошол човек со трактор и истоварил цела приколка со иверици по што други луѓе од истата населба ги носеле дома. Тие ја аламираат јавноста поради сомнежот дека овој вид остатоци од мебел се користат за греење и со тоа се загадува воздухот. Во дојава до нашата редакција велат дека ова е направено на паркиралиште пред зградите, а според нив се случува секоја година по неколку пати во зимските месеци.
Тетово, 24 јануари 2026 (МИА) - Во комплексот згради Блок 70 во Тетово станарите утринава забележале дека дошол човек со трактор и истоварил цела приколка со иверици по што други луѓе од истата населба ги носеле дома. Тие ја аламираат јавноста поради сомнежот дека овој вид остатоци од мебел се користат за греење и со тоа се загадува воздухот. Во дојава до нашата редакција велат дека ова е направено на паркиралиште пред зградите, а според нив се случува секоја година по неколку пати во зимските месеци.
-Сабајлево околу 8 часот го забележавме тракторот, по што се дојде друг да си товари. Тоа е за горење, за затоплување, сигурно нема да ги составува ивериците и да прави шкаф од нив. Пријавив преку 112 во полиција, дојде патрола ни рече овде нема никој, ние не можеме ова да го чуваме. Ни рекоа да пријавиме во општина, на што им посочивме дека треба да знаат дека во сабота во општина не се работи. И така, не знаеме дали институциите ќе постапат по ова очигледно негативно влијание врз животната средина, велат станарите од Блок 70.
Тие посочуваат на очигледноста дека на овој начин се загадува животната средина.
-Од неколку оџаци во населбата се забележува како излегува црн чад, а освен тоа и главниот проблем е непријатната миризба, се ова е штетно за човековото здравје. Со соседите сме разговарале дека постои опасност и од пожари, но не запреле, секоја година истото се повторува, ни укажуваат станарите од Блок 70.
Станарите велат дека ваквите појави им го отежнуваат и паркирањето со оглед дека ваквиот вид отпад се остава на паркинзите пред зградите во Блок 70. ас/вј/
Фото: МИА