• Tuesday, 24 December 2024

Истражување: На „Ап стор“ забележани стотици апликации, несоодветни, но достапни за деца

Истражување: На „Ап стор“ забележани стотици апликации, несоодветни, но достапни за деца

Лос Анџелес, 23 декември 2024 (МИА) - Нов извештај на американските групи за заштита и безбедност на децата, „Хит инишатив“ (Heat Initiative) и „Перентс тугедер екшн“ (ParentsTogether Action), посочува алармантно присуство на несоодветни апликации означени како погодни за деца на „Епл ап стор“ (Apple App Storе).

Групите работеле на проучувањето на повеќе стотици апликации во временска рамка од 24 часа и така идентификувале повеќе од 200 апликации коишто имале содржина или одлики несоодветни за деца. Меѓу нив има апликации за разговор со непознати, женски чет-ботови, игри со сексуални и насилни прикази, како и програми за оценување на изгледот со вештачка интелигенција.

Истражувањето ги зеде предвид апликациите означени како погодни за лицата со возраст 4+, 9+ и 12+ години, коишто се сметани за ризични. Тие вклучуваат апликации за чет (вклучувајќи и чет-ботови), за убавина, исхрана и слабеење, игри, непречен пристап до интернет (на пр. за содржини забранети од конкретно училиште) итн. Најмалку 24 игри поврзани со секс и девет апликации за разговор со непознати биле првично означени како соодветни за споменатите возрасни групи.

Од околу 800 програми, испитувачите забележале 40 апликации за нефилтриран пристап до интернет, 75 со совети за убавина и слабеење, како и 28 игри со пукање и криминал. Вкупно, околу 200 несоодветни апликации се откриени во одбраните 24 часа, а биле преземени повеќе од 550 милиони пати.

Според истражувањето, некои категории имаат поголема веројатност да содржат несоодветни апликации со ниска старосна оценка. Што се однесува до програмите и игрите за разговор, тие се помалку оценети како погодни за деца. Во повеќето случаи, тие се оценети како погодни за корисници со возраст 17+ години. Сепак, во категориите „Слабеење“ и „Нефилтриран пристап до интернет“, речиси сите анализирани апликации се одобрени за деца со 4+ години.

Извештајот го повикува „Епл“ да преземе повеќе и посериозни мерки за заштита и безбедност на децата. Компанијата е охрабрена да користи и проверки од трети страни за да ја потврди старосната оценка на апликациите пред тие да станат достапни за преземање.  си/ссм/

Фото: „Епл ап стор“