Франција ја претстави новата влада
- Франција ја претстави новата влада составена од поранешни министри и високи државни службеници за која премиерот Франсоа Бајру се надева дека ќе го надгледува усвојувањето на буџетот за 2025 година и ќе избегне колапс што ќе ја продлабочи кризата во земјата.
Париз, 23 декември 2024 (МИА) – Франција ја претстави новата влада составена од поранешни министри и високи државни службеници за која премиерот Франсоа Бајру се надева дека ќе го надгледува усвојувањето на буџетот за 2025 година и ќе избегне колапс што ќе ја продлабочи кризата во земјата.
Шефот на финансиската институција Caisse des Depots, 66-годишниот Ерик Ломбард, стана министер за финансии, а тој ќе соработува со министерката за буџет Амели де Моншалин.
Конзервативецот Бруно Ретаљо остана министер за внатрешни работи. Своите позиции ги задржаа и шефот на дипломатијата Жан-Ноел Баро и министерот за одбрана Себастиен Лекорну. Елизабет Борн, која се повлече од премиерската функција во јануари, стана министерка за образование, а поранешниот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин ќе раководи со Министерството за правда. Мануел Валс ќе биде министер за прекуокеански прашања.
Бајру речиси 10 дена се обидуваше да формира влада со надеж дека ќе избегне гласање за недоверба од екстремната левица и десница.
Новата влада ќе мора веднаш да почне со работа за да го усвои законот за буџетот за 2025 година, откако парламентарните негодувања поради предложениот закон доведоа до смена на неговиот претходник, поранешниот премиер Мишел Барние.
Имињата на новите членови на владата ги прочита Алексис Колер, шеф на кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон. јт/
Фото: ЕПА