Во Бразил две лица загинаа, а 12 се водат како исчезнати по уривање на мост
- Најмалку две лица загинаа, а 12 се водат како исчезнати по уривање на мост во северен Бразил, соопштија денеска локалните власти.
Сао Пауло, 23 декември 2024 (МИА) – Најмалку две лица загинаа, а 12 се водат како исчезнати по уривање на мост во северен Бразил, соопштија денеска локалните власти.
Четири камиони, два автомобили и два мотоцикли се наоѓале на делот од мостот што се урнал вчера попладне, меѓу бразилските држави Маранџао на североисток и Токантинс на север, соопштија властите.
Два камиони превезувале сулфурна киселина, што ја „отежнува потрагата“ по исчезнатите лица поради можна контаминација на водата, соопшти полицијата.
Водоснабдувањето во областа е прекинато.
Мостот, долг повеќе од 500 метри и изграден во 1960-тите, е главната рута за поврзување меѓу двете бразилски сојузни држави.
Сè уште не е позната точната причина за уривањето, иако првичните докази од Националното одделение за транспортна инфраструктура покажуваат дека се урнала централната греда. јт/
Фото: Х скриншот