Протест на опозицијата во Тирана со блокирање на улици, учесник и Бериша, не изостанаа судири со полицијата
- Дождот и ветерот не ја спречија албанската опозиција да го одржи најавениот протест на "граѓанска непослушност", со марширање и блокирање на пет главни улици во Тирана, на кои два и пол часа беше парализиран сообраќајот.
Тирана, 23 декември 2024 (МИА) - Дождот и ветерот не ја спречија албанската опозиција да го одржи најавениот протест на "граѓанска непослушност", со марширање и блокирање на пет главни улици во Тирана, на кои два и пол часа беше парализиран сообраќајот.
На протестот што почна по 17 часот учеството беше помало споредено со претходните протести, но за првпат по една година присуствуваше и демократскиот лидер Сали Бериша.
- Оваа зима ќе биде тешка како за аргатот во Тирана(премиерот Еди Рама) и господарот во Белград(претседателот Александар Вучиќ). Дури и во Белград студентите го тресат диктаторот од темел, иако немаат иднина, ги поздравувам од срце. Ги поздравувам и сите граѓани на Тирана, оваа граѓанска непослушност е во интерес на секој граѓанин на Тирана и Албанија и нема да запреме без да ги реализираме нашите цели, техничка влада и слободни избори. Граѓанската непослушност е код за уривање на диктаторите, изјави Бериша за медиумите.
Најави " непослушност во секоја можна форма".
- Еди Рама е изгубен, видовте како му падна рејтингот на ТикТок, свати дека тоа што не може да го контролира па одлучи да го забрани. Со Рама нема избори, избори не се бојкотираат, битката е незапирлива додека не замине, ќе направиме се за да се урне оваа диктатура. Диктаторите се уриваат или со оружје или со непослушност, порача Бериша.
Опозицијата не доби дозвола од полицијата на барањето за блокирање на улици, бидејќи тоа се смета за кривично дело.
Пратениците на ДП изјавија дека не отстапуваат од одлуката за блокирање на улиците бидејќи според нив вака се прави собир, што и го направија.
Полицијата и вечерва преку мегафон апелираше да се ослободат улиците за нормално одвивање на сообраќајот, но учесниците не се повлекуваа, полициските службеници се обидоа да ги растераат, по што дојде до судир, но брзо ситуацијата се смири.
Бројни беа навредите упатувани кон полицијата, дури генералниот секретар на ДП, Фљамур Нока, директно началник на полициски комесаријат го нарече криминалец, а беа регистрирани и повеќе инциденти со напади врз полицијата.
Пратеникот на ДП, Агрон Ѓекмаркај во еден момент изгуби свест, по што веднаш му беше дадена соодветна помош во едно од амбулантите возила. И тој и Бериша ја обвинија полицијата дека применила насилство врз него.
-Насилството врз Агрон беше организиран чин. Но, да знаат дека на крајот ДП ќе биде победник. Демократите каде и да ги сретнат "владините криминалци" да ги гаѓаат со домати и со јајца, порача Бериша.
Според полицијата има приведени, поради насилно однесување. вт/
Фото: ДП