Германската полиција контактирала со осомничениот неколку недели пред нападот на божиќниот пазар во Магдебург
- Наводниот извршител на смртоносниот напад со автомобил на божиќниот пазар минатата недела во Германија бил контактиран од полицијата само неколку недели пред инцидентот, соопштија денеска властите.
Магдебург, 23 декември 2024 (МИА) – Наводниот извршител на смртоносниот напад со автомобил на божиќниот пазар минатата недела во Германија бил контактиран од полицијата само неколку недели пред инцидентот, соопштија денеска властите.
Нападот во централниот град Магдебург во петокот, во кој загинаа пет лица, а други 235 беа повредени, се верува дека го извршил саудиски државјанин, идентификуван само како Талеб А според германските закони за приватност.
Како што пренесува ДПА, инспекторите трагаат по мотивот за инцидентот, поради сугестиите дека властите не ги послушале предупредувањата за човекот.
Тамара Зиешанг, министерката за внатрешни работи на источната покраина Саксонија-Анхалт, денеска пред пратениците во Магдебург рече дека полицијата двапати се сретнала со човекот – во септември 2023 година и октомври 2024 година, за да го предупреди за неговото однесување.
Првиот разговор бил воден во полициската станица во Залцландкрајс, во близина на Магдебург, додека средбата годинава се одржала на работното место на осомничениот.
Зиешанг не ја коментираше јавно позадината на средбите, но им рече на членовите на државниот парламент дека ќе го претстави релевантниот контекст во доверливиот дел од парламентарната седница. јт/
Фото: ЕПА