Јаневска од Кавадарци: Вложуваме во модерна образовна инфраструктура и квалитетен воспитно-образовен процес
- Вложуваме во модерна образовна инфраструктура и квалитетен воспитно-образовен процес, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изврши увид во активностите за реконструкција на покривот на основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци, заедно со градоначалникот Митко Јанчев.
Кавадарци, 21 август 2024 (МИА) - Вложуваме во модерна образовна инфраструктура и квалитетен воспитно-образовен процес, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изврши увид во активностите за реконструкција на покривот на основното училиште „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци, заедно со градоначалникот Митко Јанчев.
-Станува збор за инвестиција во вредност од 9 милиони денари обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука, која целосно ќе биде реализирана до крајот на 2024 година. Имаме низа тековни инфраструктурни инвестиции, а во иднина нивниот број значително ќе се зголеми, со оглед на намерите на Владата за континуиран раст на буџетот наменет за образование, рече Јаневска.
Таа посочи дека Кавадарци е една од локалните самоуправи кои имаат визија за модерно образование и долгорочен план како квалитетот да го одржуваат, но и постојано да го унапредуваат.
-Пријатно сум изненадена од посветеноста на градоначалникот и воопшто на локалната самоуправа кон учениците и наставниците и обезбедувањето подобри услови за настава и за работа во училиштата, потенцираше Јаневска, додавајќи дека иако процесот на децентрализација во државата се уште не е целосно завршен и голем број општини постојано чекаат поддршка и насоки од централните институции, овде, како што рече, „изгледа како тој процес да е завршен, работите се поинаку сфатени и преземени целосно во свои раце“.
Градоначалникот Јанчев информираше дека со инвестиција од 100 милиони денари се градат четири нови спортски сали во подрачни основни училишта во Кавадарци, се реконструира ученичкиот дом „Крсте Петков Мисирков“ каде се вложени 5 милиони денари, но и дека во сите училишта се поставени фотоволтаици кои обезбедуваат големи заштеди во општинскиот буџет.
- Во моментов проектираме 26 нови училници во четири основни училишта од вкупно осум општински, за да може од септември 2025 година сите објекти да имаат едносменска настава, рече Јанчев.
Тој додаде дека општината секој ден обезбедува бесплатен оброк за 1800 ученици од прво до петто одделение и дека се целосно подготвени за успешен почеток на учебната година. свд/хс/
Фото: МИА