Француски суд го одби обидот на Саркози за спојување на казните
- Суд во Париз денеска го одби барањето на поранешниот претседател Никола Саркози за спојување на казната отслужена со електронска алка во друг случај со затворска казна, со што би избегнал шест месеци затвор.
Париз, 9 март 2026 (МИА) – Суд во Париз денеска го одби барањето на поранешниот претседател Никола Саркози за спојување на казната отслужена со електронска алка во друг случај со затворска казна, со што би избегнал шест месеци затвор.
Според извештаите на француските медиуми, Саркози (71) сè уште може да поднесе жалба. И покрај пресудата, Саркози нема да мора да оди во затвор бидејќи казната за илегално финансирање на изборите најверојатно може да биде претворена во дополнителен период со електронска алка.
Тековниот случај се однесува на неуспешниот обид за реизбор на Саркози во 2012 година и употребените средства. Според францускиот закон, изборните трошоци се ограничени за да им се даде на кандидатите еднаква шанса, пренесе ДПА.
Дозволениот износ во 2012 година бил 22,5 милиони евра (26,1 милион долари), додека апелациониот суд утврдил дека тимот на Саркози потрошил речиси двојно повеќе.
За да се прикрие прекумерното трошење, трошоците наводно биле маскирани преку систем на фиктивни фактури од неговата партија Сојуз за народно движење (UMP), сега преименувана во Републиканци.
Иако не се тврди дека Саркози го измислил системот, тој наводно ги игнорирал предупредувањата. Вкупно тој беше осуден на една година затвор, од кои шест месеци се условни. Саркози отсекогаш ги негираше обвинувањата.
На почетокот на минатата година тој мораше да носи електронска алка три месеци откако беше прогласен за виновен за поткуп и незаконско тргување со влијание, обвиненија кои Саркози исто така ги негираше. Тој сакаше оваа казна да биде земена предвид.
Жалбата на поранешниот француски претседател во врска со наводното финансирање од Либија почнува следната недела. Тој доби петгодишна казна од понискиот суд и помина кратко време во затвор. јт/
Фото: МИА архива