• четврток, 09 април 2026

Земјите од светот го поздравуваат прекинот на огнот меѓу САД и Иран (ДПЛ)

Земјите од светот го поздравуваат прекинот на огнот меѓу САД и Иран (ДПЛ)

Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Неколку арапски држави денеска го пофалија двонеделниот прекин на огнот помеѓу САД и Иран и го поздравија повторното отворање на Ормуската Теснина.

Шефот на оманската дипломатија Бадр бин Хамад ал-Бусаидина, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави привремено примирје, на „Икс“ објави дека „важноста од интензивирање на напорите за наоѓање решенија сега може да ја завршат кризата“.

Министерството за надворешни работи на Египет соопшти дека прекинот на американските воени операции претставува важна можност за создавање простор за дипломатијата и конструктивниот дијалог.

Ирачките медиуми објавија дека Багдад верува оти прекинот на огнот ќе помогне во ублажување на тензиите во регионот и оти ги поддржува сите понатамошни напори кон дијалог.

Прекинот на огнот го поздрави и папата Лав XIV нагласувајќи оти тоа е „знак на жива надеж“.

- Само со враќање на преговорите можеме да постигнеме крај на војната. Ве поканувам да го следите ова време на деликатна дипломатска работа со молитва надевајќи се дека подготвеноста за дијалог може да стане инструмент за решавање други конфликти во целиот свет - истакна поглаварот на Римокатоличката црква.

И шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани го поздрави двонеделното примирје оценувајќи го како позитивен чекор кон постигнување договор.

Шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Штенергард изјави дека двонеделното примирје помеѓу САД и Иран е добра вест.

- Привременото примирје, кое дојде по значајните напори за посредување, особено од страна на Пакистан, би можело да го отвори патот за враќање на слободниот премин низ Ормуската Теснина. Шведска е подготвена да придонесе за ова на соодветен начин, вклучително и наоѓање политички решенија - објави Штенергард на „Икс“.

И претседателот на Филипини, Фердинанд Маркос Помладиот, го поздрави двонеделниот прекин на огнот изразувајќи надеж дека тоа ќе ги намали тензиите во глобалните резерви на нафта и ќе има позитивно влијание врз Манила. ми/

фото: 

Остани поврзан