• сабота, 23 ноември 2024

Форум за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации

Форум за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации

27 март 2024

Задоволство ни е да ве известиме дека на 27-ми март во Скопје се одржа тематскиот форум „Густа плетка: за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации“ во организација на Форум за разумни политики, во соработка со партнерските организации Институтот за општествени и хуманистички науки и Балканскиот институт за регионална соработка, во рамките на проектот „Застапување за инклузивен развој“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

Целта на форумот беше да се подигне јавната свест за подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор, во кое истражувањето и науката ќе се преточуваат во и ќе бидат неизоставен дел од градењето на јавните политики во државата, и во кое младите успешни студенти ќе наоѓаат добро и сигурно академско-економско прибежиште, а со тоа и да се намали одливот на мозоци.

На форумот присуствуваа претставници на релевантните институции, академската, претприемчката и граѓанската заедница со кои се дискутираше за досегашните заложби на темата за поквалитетно високо образование и следните чекори кои ќе водат кон создавање соодветна клима за поефикасно застапување.

„Постојат прилично бирократски заврзлами, и тие не се нерешливи, напротив! Планираме да дискутираме и да се информираме интерсекторски. Добронамерни сме, и ќе останеме такви, но ќе се обидеме преку мирната вода да го рониме брегот. Така, планираме веднаш да алармираме кај новата влада и да укажеме дека некои работи може брзо да се направат, потоа важно да ги охрабриме и мотивираме добрите луѓе во државната администрација.“ -Гордан Георгиев од Форум за разумни политики

„За да ја зголемиме атрактивноста за студирање кај нас, треба државата да им обезбеди сместување, стипендии и поквалитетни програми на студентите, но и програми на англиски јазик особено на додипломските студии. Од друга страна, компаниите треба да се поодговорни кога земаат студенти на пракса и важно е да ги вклучат во процесот со цел да ги научат потребните вештини.“ - Ана Шоповска делегат од Универзитетското собрание

Александар Богојевски од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност зборуваше за важноста за соработка на ниво на Западен Балкан: заеднички фондови, поддршка во истражувачките проекти, автоматско признавање на дипломите и стекнатите кредити.

„Креирањето на студиската програма треба да се прави во соработка со претприемачката заедница и сите имаме голема одговорност во тој процес“ - Професор Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

Заклучокот од форумот беше дека потребни се континуиарани заеднички заложби за да се подигне свеста за темелните вредности како право на студирање, право на работа и право на добра администрација.

За повеќе информации слободно контактирајте нè на 070 518-716 (контакт лице Цветанка Михајловска).

 

Форум за разумни политики

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан