Левица: Партиските простории се транспарентно и легално купени со хипотекарен кредит
- СООПШТЕНИЕ

8 април 2025
По однос на соопштенијата и прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ во врска првиот стекнат недвижен имот на Левица, во прилог Ви доставуваме соопштение, односно одговори на новинарски прашања по оваа тема кои беа поставени на прес-конференцијата на пратеникот и портпарол на Левица - Амар Мециновиќ:
Својата криминогеност ВМРО-ДПМНЕ не може да ја преслика на Левица - партиските простории се транспарентно и легално купени со хипотекарен кредит
Идејата за купување на простории дојде од деветгодишното постоење на Левица и сметаме дека е време да ги обезбедиме нашите први простории како политичка партија. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обидувајќи се криминалот кој тие го имаат создадено преку својата „бела палата” која чини 60 милиони евра и за која плаќаат над 10.000 евра сметки за струја месечно, знаејќи дека целата јавност има веќе оформено став за нивниот криминоген имот - пробаа таа флека да ја пресликаат на други партии, но неуспешно.
Премиерот мавташе со документите за овие простории како да се тајни, а всушност сите тие се достапни во катастарот за недвижности. Тие простории беа подолго време оставени празни и секој заинтересиран можел да ги разгледа и набави бидејќи беа изложени со натпис.
Ова е дел од една поширока “стратегија” на ВМРО-ДПМНЕ која ја гледаме во последните денови, во која напаѓаат синдикалци и сѐ она што се однесува на нив, пробувајќи да ги поистоветат сите други општествени чинители со нивната криминогеност за да пробаат да ја “израмнат работата” и да бидат повторно некако над сите.
Претставуваат како Левица да зела цела зграда, кули, хотели, а всушност земавме подрумски простории кои беа руинирани. И се работи за хипотекарен кредит кој е земен, не од банката која го нудеше овој имот, туку од друга банка - се обезбедија средства да се купат просториите и тие да се реновираат. Ние не сме најбогатата партија во најсиромашната држава и ние нашите простории ги обезбедуваме на легален и многу транспарентен начин.
Во целата приказна со просториите, нема никакво посредство со извршител. Не се наоѓаме во морална стапица, сметаме дека идеолошки, прагматично и во пракса дека приватните извршители се погрешна работа и повторно ќе поднесуваме закони во врска со нив.
ПП Левица
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.