• петок, 08 ноември 2024

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со унгарскиот амбасадор Клајн

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со унгарскиот амбасадор Клајн

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн.

Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата бил поздравен интензивниот политички дијалог и изразена подготвеност за натамошна успешна соработка меѓу двете земји на билатерален и мултилатерален план.

Претседателката се заблагодарила за принципиелната и континуирана поддршка од Унгарија како гласен поддржувач на македонската европската интеграција, што претставува наш стратешки и национален интерес и ги поздравила приоритетите на унгарското претседавање со Европската Унија и најавите во однос на политиката на проширувањето, стои во соопштението.

Во таа насока, биле разменети информации околу текот на македонските евроинтеграции, при што претседателката го истакнала очекувањето дека процесот на пристапување во Европската Унија ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми.

Од Кабинетот на претседателката додаваат дека соговорниците разговарале и за соработката во сферата на образованието, науката, одбраната и транспортот, при што претседателката изрази надеж дека во наредниот период дополнително ќе се продлабочи започната соработка помеѓу државните и високообразовните институции на двете земји.

На средбата биле посочени можностите и за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и зголемување на трговската размена. нд/са/

Фото: Кабинет на претседател

Остани поврзан