• недела, 24 ноември 2024

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска го примила амбасадорот на Република Полска, Кшиштоф Гжелчик. На средбата, соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, се размениле мислења за актуелните политички случувања во двете земји, тековните предизвици и можностите за искористување на потенцијалите со цел продлабочување на билатералната соработка.

Заедички било констатирано дека во годината кога се одбележува триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, односите меѓу двете земји се на исклучително ниво и беше искажано задоволство од континуираниот политички дијалог, соработката во рамки на меѓународните институции и партнерството во НАТО Алијансата.

Претседателката  Сиљановска Давкова се заблагодарила за континуираната поддршка од Полска во реализацијата на македонските стратешки цели и изразила подготвеност за натамошна соработка на евроинтеграцискиот план и исполнувањето на реформската агенда.

- Во таа насока, претседателката ја потенцираше важноста од непречено одвивање на нашиот пристапен процес во ЕУ и изрази очекување дека полскиот активизам и поддршка, билатерално, како пријатели на Групата за проширување на ЕУ и преку Вишеградската група, ќе продолжат со иста енергичност и во иднина, стои во соопштението.

На средбата била истакната подготвеност за унапредување на образовната соработка и беа поздравени чекорите во насока на проширување на економската соработка, трговската размена и соработката во енергетскиот, информатичкиот и земјоделскиот сектор. цр/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова 
 

Остани поврзан