• сабота, 23 ноември 2024

Справување со отпадот и микропластиката и климатските цели, теми на Советот за животна средина 

Справување со отпадот и микропластиката и климатските цели, теми на Советот за животна средина 

Брисел, 25 март 2024 (МИА) - Начините за справување со текстилниот и прехранбениот отпад, намалување на загадувањето со микропластика и климатските цели на Европа до 2040 година ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел министрите задолжени за животна средина и клима на земјите членки на ЕУ. 

Со Советот за животна средина ќе претседава министерот за климатски промени, животна средина, енергија и партиципативна демократија на Бриселскиот Регион, Ален Марон, а на заседанието ќе присуствуваат и еврокомесарите за животна средина, океани и рибарство Виргинијус Синкевичиус и за климатска акција Вопке Хукстра. 

Според дневниот ред министрите за животна средина на членките на ЕУ ќе дебатираат за предлогот на Европската комисија за измени на Рамковната директива за отпадот, фокусирајќи се отпадот во индустријата за текстил и храна. Целта на предлогот на ЕК е да се намалат штетните влијанија на отпадот од текстилниот и прехранбениот сектор врз животната средина и климата. 

Во делот на текстилниот отпад се предлага зголемување на одговорноста на производителите за управување со него, како и покривање на трошоците за овие активности. Од текстилната индустрија се бара сортирање на искористениот текстил со цел негова можна повторна употреба, додека оној дел што не може да се користи повторно да се рециклира. 

Кога станува збор за отпадот од храна се поставуваат мерки за негово намалување до 2030 година, со цел да се придонесе за исполнување на обврските на ЕУ во рамки на остварувањето на Целите за одржлив развој на ОН.  

Министрите ќе имаат и политичка дебата за предлогот на Еврокомисијата за ограничување на пластичниот отпад. Целта на Предлог-регулативата е да го намали загадувањето на животната средина со микропластика, со тоа што компаниите и превозниците се обврзуваат да го спречат испуштањето на пластични супстанци и да воспостават задолжителен систем за сертификација и хармонизирана методологија за проценка на загадувањето. 

Во рамки на дебатата, се очекува министрите да изјаснат околу соодветноста на предложената Регулатива, како и да ја проценат потребата од вклучување во неа и на мерки поврзани со испуштањето на пластичен отпад во поморскиот транспорт. 

На заседанието на Советот ќе бидат разменети мислења за предлогот-документот на Еврокомисијата за климатските цел на ЕУ да 2040 година. 

Во текстот се предлага нето емисиите на стакленички гасови во ЕУ до 2040 година да се намалат за 90 отсто во однос на нивото во 1990 година, како дел од напорите за постигнување на целта за климатска неутралност на Унијата до 2050 година, како што е предвидено со европскиот Закон за климата. 

Белгиското претседателство со ЕУ ќе ги информира министрите и за напредок во процесот на усвојување на регулативата за рамка за мониторинг на шумите. 

Дополнително, ЕК пред министрите ќе ја претстави среднорочна евалуација на Акциската програма за животната средина (EAP) и информацијата за управување со климатските ризици во Европа, исто така ќе ги информира и за состојбата на националните енергетски и климатски планови. сп/

Фото: ЕУ

Остани поврзан