Со сослушување на оштетени во Кривичен продолжи судењето за Жан Митрев
- Со сослушување на оштетени, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против доктор Жан Митрев.
Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) – Со сослушување на оштетени, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против доктор Жан Митрев.
Лицата во својство на оштетени - брачни партнери, родители и членови на потесните семејства на жртвите, како и лица кои се лекувале во болницата пред Судот се произнесуваа по однос на преднајава на имотно правни барања.
Барање за отштета пред Судот денеска преднајавија вкупно 7 лица, додека едно од лицата во својство на оштетено, се откажа од барањето.
Поголем дел од оштетените не знаеја да кажат точна сума и зборуваа само за тоа кој се лекувал во болницата и колку хемофилтрации биле направени, а некои од оштетените најавува и точни суми како - износи од 609 илјади денари за три хемофилтрации и околу 250 илјади денари за хоспитализација, околу 15 илјади евра минус трошите за престој во болницата...
Едно од лицата во својство на оштетени, кое се откажа од барањето за штета, пред Судот рече "битно е дека сум жив, другото не".
На прашање од јавниот обвинител Искра Хаџи Василева, дали некој му вршел влијанија, бидејќи, како што кажа, имало сведоци кои пред Обвинителството јавувале за такви обиди, еден од оштетените само кратко кажа "не".
Судијката, која го води случајот Лидија Петковска, информираше дека дел од повиканите оштетените, иако уредно повикани не се присутни на денешното рочиште. Дел од нив го информирале Судот, дека не се државата или се времено во болница.
Обвинителството пред Судот, на денешното рочиште прочита вкупно два искази на лица во својство на оштетени со барања за отштета.
Јавната обвинителка, Хаџи Василева, посочи дека ЗКП предвидел дека оштетените кои се повикани, а не дошле пред Судот, тогаш може да се прочита нивното изнесено предбарање за отштета.
Одбраната, на тоа, реагираше дека тоа не може да се прави, бидејќи како што посочија, имало и такви кои се откажувале од барањата за отштета. Судот, како што информираше судијката Петковска, на едно од претходните рочиште веќе донел одлука по ова прашање, за оштетените кои не може да се јават пред судот, да бидат прочитани нивните искази. Судењето продолжува на 16 декември, за кога се повикани останатите лица во својство на оштетени. Пред Обвинителството за случајот преднајава за барања за штета најавиле вкупно 283 оштетени лица. Предметот се однесува на измама, односно, како што соопшти своевремено ЈО, прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, со цел противправно прибавување на имотна корист. Предметот е оформен по допрен глас, откако се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје. Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. Судскиот процес пред Основниот кривичен суд во Скопје започна во февруари лани, но поради истекот од 90 дена од последното одржано рочиште тој лани во ноември беше вратен од почеток. Процесот се наоѓа во фаза на доказна постапка, каде се изведуваат докази и се сослушуваат сведоци предложени од Јавното обвинителство. аа/лв/
Фото: МИА архива