• сабота, 09 ноември 2024

Сиљановска Давкова за Извештајот на ЕК за напредокот за 2024: Објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети

Сиљановска Давкова за Извештајот на ЕК за напредокот за 2024: Објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска го примила шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предал Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава за 2024 година.

Од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова соопштија дека таа оценила дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.

На средбата, претседателката истакнала дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот, додавајќи дека во моментов со сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економско закрепнување и справување со корупцијата.

Таа го поздравила Планот за раст потенцирајќи дека од суштинско значење е да се покаже неговата ефективност преку забрзување на реформите, искористување на целосниот потенцијал и максимизирање на придобивките за нашите граѓани и економија, што ќе влијае на ублажување на разочарувањата доживеани во текот на долгиот процес.

- На средбата со амбасадорот Рокас, претседателката изрази очекување дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување, што ќе придонесе за поголема вклученост на земјата во процесите, политиките и програмите на ЕУ и  ќе помогне за зголемување на севкупната подготвеност и поефикасно преземање на обврските од идното членство, се наведува во соопштението. 

Таа ја посочила и важноста од објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и забрзување на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми.

Претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека полноправното членство во ЕУ е наша стратешка цел и, како што стои во соопштението, не гледаме друга алтернатива. Ја нагласила важноста од фер процес на пристапувањето во ЕУ, во кој ќе се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани.  цр/дма/

Фото: Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова
 

Остани поврзан