• понеделник, 11 ноември 2024

Партиски препукувања за патувањето на синот на Мицкоски во САД

Партиски препукувања за патувањето на синот на Мицкоски во САД

Скопје, 14 јули 2024 (МИА) - Од СДСМ денеска го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД го носел синот, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски.

- Универзитетот Џон Хопкинс на официјалниот профил на Твитер, објави фотографии од посетата на Мицкоски од САД каде според инфомрациите од медиумите, со него е неговиот постар син. Мицкоски мора итно да ја информира јавноста дали го носел синот во САД на државен трошок и да се произнесе околу целата ситуација. Мицкоски кој од самиот универзитет порача дека правото и правната држава за него се приоритет, очигледно решил тоа да важи за сите освен за него, се наведува во соопштението од СДСМ. 

Од СДСМ бараат Владата да го објави списокот на сите членови на делегацијата кои патувале на државен трошок за, како што велат, да се потврди или отфрли оваа информација.

- Изјава на Мицкоски нема да биде доволна. Владата најави отвореност и транспарентност, сега е шанса тоа да го покаже, се наведува во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакцијата посочува дека патувањето на синот на Мицкоски не ја чини државата ништо. 

- Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицокски. За разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација. Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив се е транспарентно, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека ефектите од патувањето на претседателот на Владата се повеќе од очигледни, посочувајќи на 20 средби со лидери на држави членки на НАТО, две инвестициски одлуки и специјалната економска соработка со Унгарија од 500 милиони евра. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан