• вторник, 26 ноември 2024

Во Тетово промовирана публикацијата „Критика за творештвото на Павле Кузманоски и интервјуа“

Во Тетово промовирана публикацијата „Критика за творештвото на Павле Кузманоски и интервјуа“

Тетово, 11 ноември 2024 (МИА) – „Критика за творештвото на Павле Кузманоски и интервјуа“ е насловена публикацијата која вечерва беше промовирана во Тетово. На овој начин академскиот сликар од Тетово, Павле Кузманоски во книга од околу 300 страници на едно место ги објавува триесетина критики, но и интервјуа и есеи, сите во врска со неговото ликовно творештво и изложби во изминатите шеесетина години.

- Оваа промоција на книга е голема работа и настан за мене на оваа моја возраст. Успеав да издадам една таква книга која содржи период од шеесетина години откако сум почнал да творам, да работам во мојот областа област сликарство, што ме следеле луѓе со свој начин на гледање, со знаење за уметност и пишувале за мене. За среќа сите тие го пишувале тоа што го мислеле, а мислеле убаво и ми давале поттик, значи критиката не е само негативнa, има и позитивна критика, истакна академскиот сликар Павле Кузманоски.

Историчарот на уметност, Климе Коробар беше промотор на публикацијата.

- Тоа е една ретка книга. Павле складно со натприроден голем напор ги собрал сите ликовни критики од најеминентните македонски историчари на уметност, поети и писатели кои напишале критика инспирирани од неговите изложби и творештво. Има околу 28 автори, од кои 44 се тематски врзани за разни изложби. Со голема чест би ја препорачала книгата да луѓето ја прочитаат затоа што тоа е една биографија на Павле низ сите овие периоди. Пишувале Борис Петковски, Харалампие Поленаковиќ, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников. Има луѓе кои се еминентни како историчари на уметност, како писатели, како поети, истакна Климе Коробар.

Во рамки промоцијата на публикацијата, Павле Кузманоски изложи и триесетина нови уметнички слики.

- Изложбата ја работев цело лето, само како фонд да биде како позадина на овој оваа промоција. Тоа се нови дела, но и дела што ги правев во репродукција на дело што сум го направил 2004 во Париз на пример, но и на понови слики од 2022 година, рече Кузманоски.

Климе Коробар додаде дека тоа се портрети на стари луѓе.

- Тие портрети не се измислени како такви, него тие се со свој карактер внатре во самиот цртеж, се чувствува карактерот на луѓето и тие се сведоци кои поминале еден долг период, веќе тоа се старци и акумулирале една мудрост. Таа мудрост што ја имаат фактички Павле преку нив сака да ни прикаже дека е на сите ни е потребна мудрост затоа што драмата не се случува случајно некој меѓу простор но е тука со нас и вакви изложби не тераат на размислување, затоа што тие со својата старост ја откриле тајната на живеењето и како такви треба да ни пренесат да размислиме што ќе се случува за да не нè изненадат разни други немили настани, рече Коробар.

Промоцијата се одржи во Музејот на тетовскиот крај (Дом АРМ) како дел од активностите за одбележувањата на ослободувањето на Тетово – „Непокорот е слобода - 80 години Слободно Тетово“.

Академскиот сликар Павле Кузманоски е роден 1939 во Тетово. Во 1959 г. завршил школа за применета уметност – Скопје. Во 1966 г. дипломирал на Академијата за применети уметности – Белград. До сега приредил 50-тина самостојни ликовни изложби, а учествувал на преку 250 колективни ликовни изложби во земјата и во странство.

Добитник на значајни награди за сликарство, меѓу кои последната е државна награда „11 Октомври“ за животно остварување во областа на културата, науката, уметноста и дејностите од јавен интерес во 2021 година. ас/дма/


Фото:  МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан