• сабота, 23 ноември 2024

Истражување за загадување на воздухот во училишта и градинки во пет општини: Во просек, за речиси двапати се надминати препораките на СЗО

Истражување за загадување на воздухот во училишта и градинки во пет општини: Во просек, за речиси двапати се надминати препораките на СЗО

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Истражување за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини (Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци) покажало дека сличен е проблемот како и со амбиентниот воздух бидејќи е надминат дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички, но другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници. За разлика од надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности  за справување со проблемот.

Истражувањето е дел од проектот за справување со загадувањето на воздухот во наведените пет општини, имплементиран од УНДП и со финансиска поддршка од Шведска. Резултатите ги презентираше професорот од Штипскиот универзитет Дејан Мираковски, кој за медиумите изјави дека во период од скоро една година, согласно методологијата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО), успеале да направат анализи на квалитетот на воздухот во просториите каде што престојуваат деца и ученици. 

Посочи дека генерално, нема директна поврзаност на надворешниот и внатрешниот воздух и дека во зима, кога надвор се екстремно високи концентрациите, нема пробивање  во внатрешниот воздух зашто денес постои подобра изолација и објектите се енергетски ефикасни. Како што рече, во текот на зимата има помали концентрации внатре, но во текот на летото концентрациите на штетни честички се повисоки внатре отколку во  надворешниот воздух. 

- Во просек, ги надминуваме препораките на СЗО скоро за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки коишто би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците. Генерално, ние дишеме загаден воздух, и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние, посебно во зимскиот период, престојуваме подолг период внатре отколку надвор, рече Мираковски.

Сепак, за разлика од проблемот на загадениот воздух надвор, за воздухот во затворени простории има повеќе решенија - од современи системи за вентилација до едноставни самостојни системи за филтрација на воздухот со кои, рече, може да се намалат и 80-90 проценти од концентрациите на суспендирани честички.

Добри и брзи резултати, според Мираковски,  може да се постигнат и со наједноставни мерки за хигиена – почесто пребришување, користење обувки или облека само за внатрешниот простор, а не да се престојува со надворешната облека. 

На прашањето во која од петте општини опфатени со проектот загадувањето било најголемо во училиштата и градинките, тој одговори дека наодите се слични во сите пет.

-Нема разлика помеѓу студената и топлата сезона, како што е амбиентниот воздух, и слични се вредностите, се движат од 42 или 43 па до некаде 80 микрограми на метар кубен просечните концентрации и ПМ 2,5. Максимум е 25 за осум часа внатрешен воздух, различни се вредностите на амбиенталниот и внатрешниот, додаде Мираковски. 

Според амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, наодите од истражувањето ќе им помогнат на петте града во справување со проблемот. 

-Сметаме дека секој чекор на овој пат го гради движечкиот моментум кон постигнување на промени. Благодарни сме на општините Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга за кофинансирање на овие планирани инвестиции со вкупна сума од речиси еден милион евра, изјави амбасадорката на Шведска.

Григорјан нагласи дека загадувањето на воздухот влијае на здравјето и на продуктивноста на работното место.

-Досега нашата иницијатива се одвиваше во шест општини каде што се испитуваше квалитетот на внатрешниот и надворешниот воздух и отворени сме за соработка со други општини и со други државни органи на централно ниво, додаде претставникот на УНДП. 

Министерот за здравство Арбен Таравари во однос на справувањето со загадувањето во државава посочи дека на Влада поминал проект на Министерството кој треба да профункционира до крајот на идната.

-Се работи за 10 болници каде што ќе се замени стандарното греење со мазут и со нафта и ќе бидат вклучени начини на греење во коишто нема загадување на воздухот. Владата партиципира, меѓутоа имаме донации и од невладини организации. Јас се надевам дека овој проект доста ќе помогне, рече Таравари.

Посочи дека загадениот воздух особено им штети на ранливите категории луѓе, а кажа и дека имаме доволно капацитети во државава за да се опфатат пациенти (и деца, и возрасни) со белодробни заболувања.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, квалитетот на воздухот е од исклучително значење, особено во училиштата затоа што, рече, влијае на психофизичкиот развој на учениците, на нивните способности да размислуваат, да се сконцентрираат, да бидат креативни, но исто така влијае и врз  наставниците.

-Државата мора да работи на подобрување на условите за живеење и работење во целата околина, но секако интензивно и во училиштата. Во тој правец работиме на енергетска ефикасност на училиштата за да ја намалиме емисијата на јаглерод двооксид. Секако работиме и на промена на системите за греење, но она што е исто така многу значајно, ќе работиме и на едукација за зачувување на околината, изјави Јаневска. 

Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, изјави дека се работи за алармантен проблем за што говори и фактот на голем број хоспитализирани деца со белодробни и респираторни болести.

-Треба сите заеднички да смогнеме сили и да направиме конкретен план и да тргнеме во борбата против загадениот воздух и како да го намалиме тоа влијание, пред се, кај нашите најмлади, изјави Велковски.

Посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедува на локално ниво блок-дотации за градинките и со тие средства, рече, тие може да набават прочистувачи за воздух.

-Како Министерство, во новиот буџет, ќе ја разгледаме можноста и најдиректно да помогнеме токму на решавање на ова прашање, барем на едно минимално или локално ниво, коешто не е решение, но можеби е некоја превенција во оваа ситуација, додаде Велковски. хс/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан