• сабота, 28 декември 2024

Филков: Нашата правна рамка мора да се прилагоди на технолошките промени

Филков: Нашата правна рамка мора да се прилагоди на технолошките промени

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Квалитетот на правната рамка треба да обезбеди јасност, да поттикнува иновации и поддржува долгорочен раст. Како што се соочуваме со нови предизвици - независно дали се предизвикани од технолошките промени или од одредени влијанија врз екологијата, нашата правна рамка мора да се прилагоди на овие промени, без да ги загрози основните вредности како правдата, човековите права и слободите, порача министерот за правда Игор Филков на Меѓународната конференција „Правна конкурентност-Правни инструменти за поконкурентна Европа” во Будимпешта. 

Конференцијата е организирана во рамки на Унгарското претседателство со Советот на ЕУ, а Филков учествуваше на покана на министерот за правда на Унгарија, Бенце Тузсон.

Како што соопштија од Министерството за правда, Филков во своето обраќање на конференцијата се осврнал на предизвиците и новитетите кои ги носи дигиталната ера, како и реформите во правосудството.

-Од првиот ден откако го добив мандатот за водење на ресорот правда, започнавме со реформите за поставување на независен правосуден систем, заснован на целисходни и сеопфатни анализи, јавни дебати со стручната јавност и граѓанското општество и се стремиме кон постепено достигнување на посакуваните ефекти и резултати. Реформите во правосудството и неговата правна рамка, се одвиваат во согласност со Развојната Секторска Стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028, посочи Филков.

Тој се осврнал на прашањето за дерегулација, при што укажал дека во правото таа се постигнува исклучиво преку примената на квалитетната правна рамка, како главна задача на судовите, односно судиите. 

-Квалитетот на правната рамка, треба да обезбеди јасност, да поттикнува иновации и поддржува долгорочен раст. Како што се соочуваме со нови предизвици—независно дали се предизвикани од технолошките промени или од одредени влијанија врз екологијата, нашата правна рамка мора да се прилагоди на овие промени, без да ги загрози основните вредности како правдата, човековите права и слободите. Процесот на дерегулација ги обврзува системите, сепак да утврдат минимум заеднички правила, по кои ќе се овозможи заедничката соработка, што ќе доведе до зајакнати економии преку заштита на конкуренцијата, рече Филков.

Говорејќи за нашиот пат кон евроинтеграциите и проширувањето, Филков изрази надеж дека заедничките интереси ќе се издигнат над националните интереси на одредени земји - членки, со што ќе преминеме во наредната фаза од преговорите со отворањето на првиот кластер.

-Доаѓам од држава и сум дел од една нација, која навистина долг период, речиси 20 години, настојува да исполни еден стремеж и аспирација за интеграција и рамноправно место во Унијата во која што припаѓа. Во трасата кон достигнувањето на нашата крајна цел, членството во Европската Унија, соочени сме со низа предизвици и предуслови, чие исполнување е очекувано и прифатливо. Меѓутоа, подигнувањето на нашата лична определба и чувство за припадност како народ и нација, на ниво на билатерална пречка за нашите натамошни европски перспективи, ќе се согласите сите дека се коси со идеите и вредностите на кои почива Европската Унија, потенцираше Филков.

Според Филков, неминовно е соодветно адаптирање на процесот на креирање на правната рамка и нејзината примена во пракса. 

-Живееме во динамични времиња, политичката реалност се менува, и во тој контекст неминовно е соодветно адаптирање на процесот на креирање на правната рамка и нејзината примена во пракса. Ова, особено имајќи го предвид септемврискиот извештај на господинот Марио Драги, за иднината на конкурентноста на ЕУ, кој укажува на тоа дека не се работи за дерегулација, туку дека се работи за обезбедување на вистинска равнотежа помеѓу внимателноста и иновациите, и во обезбедување на доследна примена на регулативата во Европа, рече Филков.

На дводневната конференција во Будимпешта учесниците дебатираа и за вештачката интелигенција како двигател на конкурентноста, дигиталниот закон на ЕУ, подобрување на квалитетот на правните прописи, новите регулаторни трендови и улогата на технологијата во правото. бт/дма/

Фото: Министерство за правда

Остани поврзан