Руте: На долг рок трошоците од „два отсто“ од БДП нема да бидат доволни за одбраната на НАТО
- Ако сакаме да ја задржиме сегашната способност за одвраќање на НАТО на подолг рок, сегашните издвојувањата за одбраната на ниво од најмалку два отсто од БДП нема да бидат доволни, порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите на земјите членки на Пактот во Брисел.
Брисел, 4 декември 2024 (МИА) - Ако сакаме да ја задржиме сегашната способност за одвраќање на НАТО на подолг рок, сегашните издвојувањата за одбраната на ниво од најмалку два отсто од БДП нема да бидат доволни, порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите на земјите членки на Пактот во Брисел.
- Силно верувам и знам дека многу сојузници силно веруваат дека „два отсто“ не се доволни ако на подолг рок сакаме да ја одржиме нашата способност за одвраќање на ниво какво што е сега. Сега таа е во ред, сега можеме да се браниме себеси ако некој не нападне, но сакаме така да остане и за четири или пет години, рече Руте во одговор на прашање за негов став во врска со најавата на новоизбраниот американски претседател Донналд Трамо дека ќе бара зголемување на издвојувањата за одбраната на членките на НАТО да бидат најмалку три проценти од националните БДП.
Руте потенцира дека токму Трамп беше тој кој за време на неговиот прв мандат како претседател на САД иницираше зголемување на трошоците за одбраната и благодарение на таквите негови заложби денес најголемиот број членки на НАТО одвојуваат најмалку два проценти од својот БДП за потребите на одбраната.
Сепак, според Руте, зголемените трошоци за одбраната не треба да резултираат само со зголемени приходи на одбранбената индустрија, туку е потребно проширување на одбранбената база, забрзување на испораката на техника и опрема и зголемување на нивното производство. За таа цел, како што нагласи тој, потребно е и зајакнување и соработка на одбранбените индустрии насекаде во НАТО, од Турција, преку Европската Унија, па до САД.
Руте додаде дека прашањето за зголемување на одбранбените трошоци е нешто за што ќе треба да се разговара во следниот период, но ако сите се согласуваат дека „двата проценти“ за одбраната не се доволни да долг рок, тогаш ќе мора да се постигне договор за тоа.
- Не мора да трошиме десетици проценти, треба да трошиме некој процент повеќе од два отсто. Само ако погледнеме колкави се трошоците за пензии, системот за социјална заштита, здравството..., треба само мало делче од овие трошоци да се пренаменат на трошоците за одбраната и ќе бидеме во позиција да ја задржиме нашата способност за одвраќање на долг рок, рече Руте.
Според него, за ова конечна одлука треба да донесат политичарите, чија задача е да обезбедуваат доволно работни места, да овозможуваат економијата да функционира добро и да ја гарантираат безбедност на својата држава.
- Овде станува збор за гарантирање на безбедноста на државата и на безбедноста на сите 32 членки во Алијансата, додаде Руте.
Тој потенцира дека ќе биде потребно да им се објасни на гласачите зошто се потребни поголеми трошоци за одбраната, но нивното зголемување е нужно доколку НАТО сака да ја задржи својата улога на одбранбен сојуз базиран на демократија и вредности, кој ќе гарантира безбедноста на милијарда луѓе. сп/
Фото: НАТО