• среда, 27 ноември 2024

РСЕ: КФОР ниту ги потврдува ниту демантира тврдењета на Белград дека косовски полицајци влегле во Србија

РСЕ: КФОР ниту ги потврдува ниту демантира тврдењета на Белград дека косовски полицајци влегле во Србија

 

Приштина, 22 ноември 2024 (МИА) – Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР) ниту го демантира ниту го потврди тврдењето на Министерството за одбрана на Србија дека на 21 ноември група тешко вооружени косовски полицајци ја преминала граничната линија во селото Ќирковиќ, на територијата на општина Лепосавиќ.

КФОР во одговорот испратен до Радио Слободна Европа (РСЕ) наведува дека ситуацијата долж границата меѓу Косово и Србија е мирна и дека продолжува да го следи развојот на настаните.

„Имаме видливо и флексибилно присуство и сме добро позиционирани да одговориме на секое безбедносно сценарио, во согласност со нашиот повеќегодишен мандат заснован на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година“, рече тој.

На крајот од одговорот, КФОР упатува дека за ова конкретно прашање, односно дали косовската полиција ја поминала граничната линија или не, „да се обратите кај српските власти за други коментари“.

По ова, РСЕ повторно се обрати до КФОР за да прецизира зошто само српските власти се надлежни да дадат одговори по ова прашање, но одговор се уште нема добиено.

Косовската полиција во четвртокот, на 21 ноември, ги отфрли како невистинити тврдењата на Србија дека косовски полицајци неовластено ја преминале граничната линија со Србија.

„Ваквите написи, кои се пивикуваат на соопштение на Министерството за одбрана на Србија, се невистинити и не стојат. Оттука, овие пишувања и објавата како таква, се дезинформација која има за цел да создаде несигурност кај граѓаните од тој регион и да ја оцрни работата на косовската полиција“, се вели во реакцијата на косовската полиција.

Српското МО соопшти дека „неовластеното преминување на административната линија“ меѓу Србија и Косово претставува „опасна провокација и закана за мирот“ и додаде дека српската армија ја следи ситуацијата на терен и е подготвена да реагира согласно Воено-техничкиот од Куманово во 1999 година.

Министерството за одбрана на Србија, исто така, побара од КФОР, „како единствена легална и легитимна воена сила“ на територијата на Косово, „да преземе мерки во согласност со својот мандат и да ги спречи привремените власти во Приштина да се обидат да предизвикаат ескалација на насилство“.

По ова, претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 21 ноември изјави дека ја очекува реакцијата на САД, бидејќи „тие знаат дека беше (косовскиот премиер, Албин) Курти тој што го наредил тоа намерно“.

Тој побара од САД да ја известат Србија дали е во право кога вели дека „Курти лично наредил провокација и влез на неговите вооружени сили на територијата на Србија“.

„Тој очекуваше овие лица да бидат ликвидирани и тоа ќе беше причина за вовлекување на НАТО во конфликт со Србија. Следниот пат ќе реагираме во согласност со целосните правила на воената служба“, изјави Вучиќ за српската јавна телевизија, РТС.

РСЕ се обратила и до американската амбасада во Приштина и до Стејт департментот на САД со барање да ги коментираат овие изјави на српскиот претседател, но тие две институции сé уште не одговориле.

Косово и Србија делат гранична линија долга околу 350 километри и над 60 отсто од неа ги опфаќа општините на северот на Косово, населени со српско мнозинство.

Во последниве години, Косово често ја обвинуваше Србија дека ја носи војската блиску до границата. Во јуни 2023 година, Косово соопшти дека тројца негови полицајци биле уапсени на територијата на државата, во близина на границата, но Србија тврдеше дека тие ја преминале граничната линија. Неколку дена подоцна, полицајците беа ослободени од српските власти.

За Косово граничната линија е граница, додека за Србија е административна линија.

Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, е одговорна за безбедноста на границите на Косово со Србија, додека косовската полиција е одговорна за остатокот од граничната линија.

Сепак, според одлуката на тогашниот командант на КФОР од 2014 година, полицијата може да патролира на граничната линија Косово-Србија до еден километар блиску до линијата на поделба.

Во моментов, КФОР има над 4.400 воени војници на Косово.

Остани поврзан