• петок, 27 декември 2024

Лами вети 100-процентна соработка со МКС во врска со налогот за апсење на Нетанјаху

Лами вети 100-процентна соработка со МКС во врска со налогот за апсење на Нетанјаху

Лондон, 26 ноември 2024 (МИА) – Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска изјави дека земјата 100 отсто ќе соработува со Меѓународниот кривичен суд (МКС) во врска со налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

Лами рече дека Велика Британија ќе се погрижи судот да работи „без опструкции“ по издадените налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, јави британски Телеграф.

Тој го изјави ова како одговор на прашањето дали Владата „ќе ја признае и поддржи јурисдикцијата на МКС“ и дали „целосно ќе соработува со судот за да може да продолжи со својата работа без пречки“.

Кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер минатата недела одби да ја отфрли можноста израелскиот премиер да биде уапсен доколку дојде во Велика Британија, велејќи дека ја почитува независноста на МКС.

МКС на 21 ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот министер за одбрана на земјата Јоав Галант и лидерот на Хамас Мухамед Диаб ал-Масри.

МКС смета дека тие сносат кривична одговорност за злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан