Регионална школа за безбедност во Охрид: Потребно е продолжување на регионалната соработка во безбедноста и реформи на македонскиот систем за управување со кризи
- Фондацијата Конрад Аденауер (КАС), Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии од Брисел ја одржуваат викендов во Охрид, Регионалната Школа за безбедност 2024.
Скопје, 29 септември 2024 (МИА) - Фондацијата Конрад Аденауер (КАС), Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии од Брисел ја одржуваат викендов во Охрид, Регионалната Школа за безбедност 2024.
Тематски области на школата се: Современите безбедносни предизвици, ризици и закани како резултат на нивото на интеракција помеѓу различните субјекти во рамки на глобалната безбедносна парадигма; улогата на надворешните државни актери во обликувањето на европската иднина на регионот; мапирање на безбедносните ризици и закани во регионот; градење отпорност преку идентификување и справување со дезинформации – практични примери и алатки.
- Академскиот собир на студенти и професори од Србија, Бугарија и од Република Северна Македонија има за цел да поттикне соработка и пријателство помеѓу земјите од регионот, нудејќи платформа која на едно место обединува студенти и млади професионалци, како и експерти и претставници од академската сфера од три соседни земји, односно Северна Македонија, Бугарија и Србија, со цел дискусија и размена на искуства на теми кои се од заеднички интерес, како што се прашањата за регионалните безбедносни предизвици и регионалната соработка на ова поле, соопштија денеска од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје.
Во Охрид учесниците оствариле средба со градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити. На средбата се дискутирало за предизвиците на локалната власт во справувањето со кризи и кризни состојби, истакнувајќи ја важноста за регионална соработка.
Во фокусот на разговорите биле ставени кризните ситуации со кои се соочувал Охрид низ минатото како последица од природните непогоди и пожарите.
На Регионалната школа за безбедност, се наведува во соопштението, се истакнала потребата од потребата од реформа на системот за управување со кризи поради слабостите кои ги покажа. Низ дебатата која се развила со учесниците произлегоа интересни заклучоци кои ќе се пренесат до надлежните институции.
Во текот на викендот се одржале и интерактивни предава и работилници од страна на професори и експерти од земјава, Бугарија и Србија, во врска со регионалните безбедносни предизвици, влијанијата на надворешните државмни актери како и препознавање на лажните вести, односно дезинформациите во услови на хидните операции во регионот.
Предавачи биле бугарската универзитетска професорка Татјана Дронзина, која говорела за кинеското влијание на Балканот, професорот Стефан Сурлич од Белградскиот Универзитет, кој фокусот во своето предавање го стави на регионалната состојба со акцент на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
За справувањето со лажните вести говореле познатиот бугарски уредник и новинар Боико Василев од Бугарската национална Телевизија и Драган Секуловски генерален секретар на Здружението на новинари.
Универзитетските професори Оливер Бакрески и Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет одржале предавања за мапирање и безбедносни проценки на безбедносните кризи со акцент на потребата од поинтензивна регионална безбедноста соработка.
Се очекува три дневната регионална школа за безбедност на Филозофскиот факултет, фондацијата Кондрад Аденауер и Центарор за европски студии Вилфред Мартенес од Брисел да заврши со показна симулациона вежба на Црвениот крст од Охрид со учество на припадници на Црвениот крст и студенти од Инситутот за безбедност,одбрана и мир на Филозофскиот факултет и од Универзитетите од Бугарија и Србија.
- Симулационата вежба е на тема прифат на мигранти и справување со нив во услови на инцидента состојба практично ќе овозможи студентите и Црвениот крст да ги извежбаат и покажат можностите на организираниот пристап во услови на безбедносни ризици и справување со можен мигрантски бран, се посочува во соопштението.
Регионална Школa за безбедност, се подвлекува во сооптшението, има за цел да се дефинираат можните решенија и политики, како и потенцијалните оперативни мерки за надминување на предизвиците и подобрување на соработката во регионот. Со идентификуваните предизвици и проблеми, како и решенијата студентите, професорите и практичарите ќе излезе во јавноста и ќе бидат презентирани во конечен производ на знаења кои ќе се користат во иднина на Универзитетите во рамки на нивните студиски и предметни програми и ќе имаме реалните резултати од проектот. цр/
Фото: Филозофски факултет од УКИМ Скопје